Ова е смешна и апсурдна одлука иако Катица Јанева се уште е специјален јавен обвинител, вели адвокатот Звонко Давидовиќ за МКД.МК. Правниот експерт појаснува дека Јанева има право во координација со Истражниот затвор во Шутка и со Основниот кривичен суд да испрати писмо, но нема право на таква содржина на истото, односно да определува во кое обвинителство ќе припаднат предметите.
Катица Јанева се уште е специјален јавен обвинител. Но, ова е смешна и апсурдна ситуација, која покажува колку се некадарни сите институции, особено Советот на јавни обвинители, кој дури пред неколку дека даде предлог до Собранието за разрешување на Катица Јанева. Согласно Законот за СЈО, тие тоа требаше да го сторат многу порано, односно откако на Јанева и беше определена мерка притвор, смета адвокатот Давидовиќ.
Тој појаснува дека додека оваа одлука која се однесува на разрешувањето на Јанева не биде донесена, таа е специјален јавен обвинител.
За поднесеното барање предметите на СЈО да бидат предадени во Јавното обвинителство, Давидовиќ појаснува дека согласно Законот за СЈО, Јанева нема право на вакво нешто.
Согласно законот за СЈО, Јанева вакво нешто нема право да направи, бидејќи таа може да преземе предмет од редовното ОЈО и да воспостави надлежност, но не и обратно, бидејќи во законот стои дека јавниот обвинител на државава или друг јавен обвинител нема право да преземе гонење или истрага во предметите, кои се во надлежност на СЈО, без негова писмена согласност. Не може Катица да определува во кое обвинителство ќе одат предметите и таа да ја определува надлежноста на редовното обвинителство, додава Давидовиќ.
Додека Јанева е во притвор, може единствено да комуницира со својот бранител. Адвокатот Давидовиќ смета дека смешно е специјален јавен обвинител да издава наредба за предавање на предмети во друго обвинителство, и прашува што би било следно, Јанева да побара притвор за некој осомничен од предмет на СЈО додека самата таа е во притвор?.
Член 60 од Закон за јавно обвинителство вели:
(1) Јавниот обвинител се оддалечува од вршењето на функцијата за време додека се наоѓа во притвор.
(2) Јавниот обвинител може да биде оддалечен од вршењето на функцијата за време додека трае истрагата за кривично дело или кога е поведена дисциплинска постапка или постапка за негово разрешување.
(3) Oдлука за оддалечување на јавниот обвинител од функцијата во случаите од ставовите (1) и (2) на овој член донесува јавниот обвинител на Република Македонија.
(4) Против одлуката од ставот (3) на овој член јавниот обвинител има право на жалба до Советот на јавни обвинители на Република Македонија.
Comments are closed for this post.