Министерот за образование и наука Арбер Адеми денеска изјави дека не знае во колку училишта се штрајкува, но оти во добар дел новата учебна година почна нормално. Повтори дека нема причина за штрајк и оти Владата работи на подобрување на статусот на наставниците.
Немам информација во колку училишта се штрајкува зашто уште е рано, но знам дека во добар дел првиот училишен ден се одвива на нормален начин, се организираат приредби и очекувам така и да продолжи, изјави министерот Адеми кој утрово го посети ОУ „Лазо Ангеловски“ во скопската населба Ново Лисиче за да го означи почетокот на учебната 2019/20 година.
Наместо почетокот на учебната година да биде свечен ден, ден кој ќе го паметат сите првачиња и нивните родители, почетокот на школската година заради неспособната и расипничка власт на Зоран Заев е обележан со неизвесност, штрајкови, притисоци, велат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
Според партијата пораката што ја добиваат сите ученици во основните и средните училишта, нивните родители, роднини, но и студенти кои својата иднина ја гледаат во образовниот процес е дека Македонија е загубена држава со корумпирана власт која не може да обезбеди ниту минимални услови за пристоен живот.
Пораката која Заев ја испраќа до нив е дека тој има време за рекет, за прием на трговци со марихуана, за наместени тендери но не и за решавање на проблемите во образованието. Заев испраќа порака дека ако треба ќе продава и име и идентитет за да остане на власт но нема намера да обезбеди пристојни плати за наставниците, ниту пристојни училишта и училници за учениците“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Comments are closed for this post.