Иинституциите Државната комисија за спречување на корупцијата и Јавното обвинителство се очигледно потчинети на државната мафија, потчинети на Зоран Заев, на Рашковски, на Анѓушев, изјави на денешната прес-конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски.
Тој директно запраша дали членовите на ДКСК се согласиле да ја преземат одговорноста да бидат алиби за криминалот и корупцијата на, како што рече, државната мафија и дали сега прифаќаат улога да остават простор и време за корупцијата да продолжи со тоа што антикорупционерите „отвориле предмет“.
Во време на незапаметени огромни меѓународни криминални корупциски скандали на власта, со месеци се чекаат ставовите на антикорупционерите. Отворен предмет значи можност на ЈО да не работи, криминалот и корупцијата да продолжат и натаму, а во меѓувреме да се влијае на докази и на сведоци. Антикорупциска за отворени предмети како Тополки и за Леонардо е срамно алиби за наводно функционирање на системот, кој во исто време врши тортура врз медиуми и новинари заради откривање на корупција, токму во овие предмети, рече Стоилковски.
Според него, Леонардо е пример за чиста корупција, а антикорупционерите над 50 денови имаат предмет и немаат став, а државата напаѓа медиуми, новинари се носат во полициски станици и се најавуваат кривични пријави против нив. Притоа, Стоилковски запраша дали ДКСК ќе дозволи да почне кривична постапка против новинари, а тие уште ќе градат став „по допрен глас“.
Очигледно е дека постои притисок од државната мафија, за толку јасен случај да нема разврска. Колку време им треба на антикорупционерите за да увидат дека не му е местото на Драги Рашковски како генерален секретар на Владата да договара тајни средби која компанија да добие тендер, па да договара што да се дополни, што да се менува, колкава ќе е авантата, рече Стоилковски.
Тој потсети дека антикорупционерите немаат став ниту за Тополка, додавајќи притоа дека вицепремиерот Анѓушев ја убедил Владата во директна спогодба со неа да се дозволи и даде земјиште за да се отвори бизнис на негови семејни компании.
Антикорупционерите со месеци оставаат простор, обвинителите молчат или среде истрага покриваат владини функционери, корупцијата цвета, а државата тоне во сиромаштија и долгови. Ова е класичен пример за злоупотреба на положбата, класичен пример за работа на ДКСК и ЈО под директен притисок и управување од државната власт, од државната мафија од извршната власт. Институциите што треба да се со интегритет и високо професионално и етичко ниво, се класичен пример за намерно соучество во корупција и криминогено делување. Ваквото неодговорно однесување на институциите заради власта која што тоне во криминал и корупција, мора да бидат предмет на истрага за можна злоупотреба на службените положби и овластувања, рече Стоилковски.
Comments are closed for this post.