Според досега остварените резултати и проекциите се очекува Тутунски комбинат АД Прилеп кој со децении беше еден од најголемите загубари во држвава, на крајот на годинава да покаже добивка, првпат после 20 години, соопшти денескаТКП.
Минатата година ја завршивме со загуба од околу три милиони евра, но тоа се должи исклучиво на реализација на програмата за подобрување на продуктивноста во рамки на која се спроведе мерка за доброволно заминување на вработените од ТКП, во која се пријавија 222 вработени на кои им беа исплатени отпремнини во вкупен износ од четири милиони евра. Тоа значи, како што е нотирано и во ревизорскиот извештај, дека без оваа акција, компанијата би остварила добивка од 50 милиони денари, вели во пишана изјава Кирил Станкоски, генерален директор на ТКП.
Од Тутунскиот комбинат истакнуваат дека благодарение на успешното спроведување на рационализацијата и решавање на проблемот со превработеноста, направиле нова систематизација на работните места, со што платите на вработените во комбинатот се зголемиле меѓу 10 и 15 отсто, а најголемо зголемување е направено кај клучните сектори – погоните „Тутун“ и „Цигари“.
Во шестмесечниот извештај доставен до Македонската берза прикажана е загуба за првата половина од годината која е помала за 80 проценти споредено со истиот период од 2018 година. Во секој случај, ова не може да биде релевантен показател за работењето на Комбинатот во текот на цела 2019 година. Имено, поголемиот дел од приходите кои ги добиваме се остваруваат во втората половина од годината кои според сите проекции, ќе бидат повисоки од трошоците заради што очекуваме дека ТКП ќе ја заврши 2019 година прв пат со добивка која очекуваме да биде значајна, укажува Станкоски.
Остварените резултати на ТКП, наведуваат оттаму, се должат на стратешкото партнерство остварено со Филип Морис Интернешнел и формирањето заедничка компанија Филип Морис Тутунски Комбинат Прилеп (ФМТКП).
Comments are closed for this post.