Европската комисија денеска увери дека се преземаат сите потребни мерки од европска страна за да се заштити безбедноста на храната и на лековите во ЕУ во случај на Брегзит без договор, но дека проблеми се неизбежни.
Потпретседателот на Еврокомисијата, Јирки Катаинен порача дека и покрај тоа што ќе има проблеми со безбедноста на храната, земјите членки и институциите имаат подготвени безбедносни мерки за справување со сите појави.
„Што се однесува до лековите, ситуацијата е појасна и многу безбедна колку што сме запознаени“, изјави еврокомесарот.
Во случај на Брегзит без договор на 12 април, ЕУ мора да стори сѐ за да ги заштити високите стандарди на внатрешниот пазар, со оглед на тоа што истовремено по секоја цена мора да се избегне „тврда“ граница на ирскиот остров, што значи дека постои ризик преку Ирска да влегуваат небезбедни производи на европска територија.
„Доколку нема договор, ние не можеме да се потпираме на фактот дека Велика Британија била членка претходниот ден, ситуацијата може бргу да се промени“, објасни Катаинен.
Тој нагласи дека Европската Унија ги има меѓу највисоките стандарди за безбедност на производите во светот и не смее да дозволи евентуален Брегзит без договор да го наруши внатрешниот пазар, како и довербата на граѓаните и на приватните компании.
Европската комисија за ова сценарио се подготвува од декември 2017 година и испрати известувања до сите земји членки и компании да ги преземат сите потребни мерки за Брегзит без договор.
Конкретно, во делот на лековите, по Брегзит ќе биде потребно да се прилагодат авторизациите за нивно пуштање во комерцијална употреба и сертификација. Лекарствата и пациентите мора да бидат приоритетно заштитени и да бидат сигурни дека нивните лекови и медицински третмани ќе бидат достапни во секое време.
Што се однесува до прехранбените производи, животните и растенијата, ЕУ мора истовремено да го заштити слободното движење на стоките и нивната безбедност, потсети потпретседателот на Еврокомисијата.
„Границите не постојат за да ги забават работите, туку за да обезбедат дека храната што ја јадеме не е опасна. За да може да извезува производи од животинско потекло, Обединетото Кралство ќе мора да биде запишано како трета земја авторизирана да извезува и да ги задоволува барањата за безбедност на храна“, потсети Катаинен.
Останува сепак нејасно како ќе се реши ова прашање на ирскиот остров, а Катаинен не беше во можност да даде детали, само увери дека „се прави сѐ за да се избегне тврда граница“ во Ирска.
Согласно ирскиот мировен договор, не смее да се појави граница меѓу Северна Ирска и Република Ирска, но ЕУ мора да најде начин да го заштити интегритетот на својот внатрешен пазар преку претходни инспекции на стоките кои ќе влегуваат во ЕУ.
„Прва работа е да нема тврда граница во Ирска и сите потребни проверки за безбедноста на производите да бидат направени што подалеку од границата, нашите власти работат на тоа“, рече Катаинен и истакна дека Брисел е во консултација со ирските власти за проверка на усогласеноста на производите.
Мерките се преземаат во случај до 12 април Долниот дом на британскиот Парламент да не го одобри на договорот за повлекување на земјата од ЕУ, сценарио кое е сѐ поверојатно со оглед на ситуацијата во Велика Британија.
„Тврд Брегзит е можен затоа што не знаеме која е алтернативата, мислевме дека Парламентот ќе го одобри Договорот за истапување, но тоа не се случило сѐ уште, а ако нема Договор, нема многу други опции. Навистина се надевам дека Обединетото Кралство ќе си ги реши проблемите, затоа што знаеме што не сакаат, но не знаеме што сакаат“, нагласи Катаинен, додавајќи дека и покрај тоа што ЕУ се подготвува за Брегзит без договор, таа продолжува да се надева дека тоа нема да се случи.
Comments are closed for this post.