Канадскиот премиер се обидува да се справи со последиците од „откритието со црното лице“. Но, се чини дека тој скандал не е единствената комплицирана епизода во неговата историја, пишува Спутник.

Кандидатурата за реизбор на канадскиот премиер Џастин Трудо неодамна претрпи сериозен удар откако медиуми објавија стари фотографии на кои лицето му е обоено со црна шминка. Веднаш потоа политичарот се извини за неговите „микроагресии“ кон малцинствата.

Сепак, овој скандал не е единствениот што го загрозува угледот на Трудо во Канада.

Аферата СНЦ-Лавалин 

Веројатно најголемиот скандал што го следи Трудо денес е таканаречената „афера СНЦ-Лавалин“. Во неа учесник е истоимената градежна компанија со седиште во Квебек, која беше обвинета за плаќање милиони долари поткуп, за да си обезбеди договори во Либија за време на власта на Муамер Гадафи.

Во август комесарот за етика на канадскиот Парламент Марио Дион заклучи дека премиерот ги прекршил правилата, со тоа што извршил притисок врз тогашната јавна обвинителка Џоди Вилсон-Рејболд (која поднесе оставка од кабинетот на Трудо на 12 февруари), да ѝ помогне на СНЦ-Лалвалин да избегне криминални обвиненија.

Гостин на вечера

За време на посетата на Трудо на Индија минатата година избувна скандал откако медиумите објавија фотографија од вечера во Мумбај на која сопругата на премиерот е со Џаспал Атвал, терорист од забранетата Меѓународна младинска федерација на Сиките.

Претходно Атвал беше осуден за обид за убиство со предумисла во 1986 година на индиски министер за време на неговата посета на островот Ванкувер. Тој е активен член на вооруженото движење „Халистан“, чија цел е отцепување на северната територија на Индија во одвоена држава за заедницата на Сиките.

Бахамски одмори

Во 2017 година Трудо се соочи со истрага во Комисијата за етика во врска со потенцијални прекршувања на Законот на конфликт на интереси за време на неговиот одмор на Бахамите во јануари.

Според некои информации, Трудо добил бесплатен одмор од милијардерот бизнисмен Ага Хан и употребил приватен авион. Тоа е забрането без одлука од комесарот за етика, освен ако не е неопходно за официјален државен бизнис.

Нерамномерно собирање средства

Во 2016 година Трудо беше принуден да ги брани „методите за собирање средства“ на својата партија откако медиумите дознаа дека тој присуствувал на добротворна вечера во Торонто во домот на Бенсон Вонг – претседател на Кинеската трговска комора, со чија помош е направен голем подарок за Фондацијата „Пјер Елиот Трудо“.

Трудо ги оправда своите акции со тврдењето дека „тоа ќе доведе до повеќе работни места меѓу средната класа во Канада“.