Најмалку 55 луѓе загинале во судири меѓу христијани и муслимани во северниот дел на Нигерија, соопштија од Кабинетот на нигерискиот претседател, Мухамаду Бухари.
Честите крвопролевања, што се должат на недоразбирања кои можат да се решат по миртен пат, се неприфатливи. Ниту една култура или религија не треба да го оправдува посегнувањето по човечки живот, се наведува во соопштението на Кабинетот на Бухари, кој ги осуди насилствата.
Судирите започнале во четвртокот меѓу припадници на муслиманското племе Хауса и христијанското Адара на пазар во градот Касуван Магани во сојузната држава Кадуна. По интервенцијата на полицијата ситуацијата времено се смири, но синоќа група млади христијани нападнале припадници на локалната муслиманска заедница, што предизвика нови судири.
При инцидентите се запалени неколку домови и предизвикана е поголема материјална штета.
Локалната полиција соопшти дека во Касуван Магани од вчера е воведен полициска час и дека се уапсени 22 лица, учесници во немирите.
Конфликтите на верска основа се честа појава во Кадуна, а како повод за судирите најчесто се спорови околу контрола на земјиштето за пасење стока и одгледување земјоделски производи меѓу муслиманите, кои се традиционално сточари и христијаните, кои претежно се занимаваат со полјоделство.
При слични судири во Кадуна во февруари годинава загинаа 10 лица и беа опожарни стотици домови.
Comments are closed for this post.