Руската државна метеоролошка агенција соопшти дека се појавил радиоактивен облак во зоната на Северодвинск, по несреќата за време на тестирањето на ракетен мотор на северот од земјата.
Од агенцијата потврдиле дека облакот од радиоактивни инертни гасови се формирал како резултат на распаѓањето на изотопи на стронциум, бариум и лантан, што предизвикало краткотрајно зголемување на зрачењето што било регистрирано во споменатата област, пренесува Интерфакс.
Руската државна нуклеарна агенција „Росатом“, претходно соопшти дека несреќата се случила на осми август за време на ракетен тест на платформа во Белото море. При инцидентот загинаа пет луѓе, а тројца беа повредени. По несреќата, Агенцијата соопшти дека ќе продолжи да развива ново вооружување, без оглед на инцидентот и загинатите ги опиша како херои.
Министерството за одбрана на Русија, веднаш по несреќата соопшти дека до неа дошло за време на тестирање на мотор на течно гориво, без да наведе дека во инцидентот било вклучено радиоактивно гориво.
Потоа беа изнесени и тврдења дека немало радиоактивна контаминација, но градската управа на Северодвинск соопшти дека забележале зголемено ниво на радијација. Тоа соопштение брзо потоа беше повлечено.
Comments are closed for this post.