Полицијата на Филипините уби градоначалник во град во централниот дел на земјата и неговите двајца асистенти, а во судирот загинаа и двајца полицајци.
Регионалниот полициски командант рече дека врз основа на првичните полициски извештаи, може само да претпостави дека станува збор за грешка.
„Полициските службеници биле на рутинска патрола кога припадници на обезбедувањето на градоначалникот на Катбаоган, Роналд Акин, кој се возел со комбе во источната провинција Самар, отвориле оган кон нив. Полицијата возвратила и го убила Акин и двајца негови помошници, додека обезбедувањето на градоначалникот уби двајца полицајци кои возеле зад неговото комбе“, изјави полицискиот командант.
Пријател на убиениот градоначалник вели дека тој одел да го прослави роденденот на своето дете и дека е можно тој да бил цел на нападот, но полицискиот командант вели дека полицијата не го следела градоначалникот и дека полицајците биле само на рутинска патрола.
Неколкумина градоначалници и провинциски службеници поврзани со нелегална трговија со дрога се нападнати и убиени на Филипините за време на владеењето на филипинскиот претседател Родриго Дутерте, кој се бори против дрогата, но официјални лица велат дека убиениот градоначалник не бил поврзан со дрога.
Синоќешното насилство е последното во кое е вмешана полицијата. Според планот на претседателот, таа има широки овластувања во борбата против дрогата и криминалот, а нивната суровост ги загрижува западните земји и активистите за човекови права.
Comments are closed for this post.