Германското списание „Шпигел“ откри дека негов повеќекратно наградуван новинар со години си ги фалсификувал своите написи. Во неделата тој поднел оставка, јавува Франс прес.

На почетокот на месецов, 33-годишниот Клас Релотиус ја добил наградата „Репортер на годината“ за напис за млади Сиријци, кои ја предизвикале избувнатата во 2011 година граѓанска војна во Сирија.

Релотиус бил обвинет од свој колега, со кого работел на тема за границата на Мексико и САД, и на крајот признал дека измислувал цитати и сцени на кои воопшто не присуствувал.

Се смета дека 14 негови написи биле фалсификувани, вклучувајќи и еден за Јеменец, кој без основа лежел 14 години во Гвантанамо, и друг, во кој новинарот тврди дека ги интервјуирал родителите на Колин Кеперник, играч на американски фудбал, кој клечел за време на интонирањето на американската химна во знак на протест против расната нееднаквост.

Во подолг напис околу случајот, весникот „Шпигел“ пишува дека е шокиран од таквите фалсификати. Според изданитео,   речиси 60 написи на Релотиус се публикувани во печатената верзија или на неговиот сајт. „Шпигел“ ќе спроведе истрага за да утврди како фалсификатите не биле откриени од одделот за проверка на написите.

Веднаш по избивањето на аферата Си-Ен-Ен соопшти дека му ги одзема двете награди, што му ги доделила на германскиот новинар во 2014 година.

Американската телевизија соопшти дека независната комисија, која пред четири години на Клас Релотиус му ги доделила наградите „Новинар на годината” и „Новинар на годината од печатен медиум”, едногласно одлучила да му ги одземе откако била откриена неговата професионална неетичност.