Германската канцеларка Ангела Меркел дефинитивно прифати дека нејзиниот сонародник Манфред Вебер нема да биде новиот претседател на Европската комисија, пишуваат германските медиуми.
Меркел уште во средата објави дека може да се откаже од Вебер, на чие именување се спротивставува Франција, за да можат европските институции нормално да работат. Конечната одлука, донесена, по самитот на Г20 во Осака ја пренесе германскиот весник „Велт ам зонтаг“.
Вебер беше кандидат на Европската народна партија (ЕПП), конзервативна група во Европскиот парламент. Според германскиот весник, шефовите на влади на ЕУ, присутни на Самитот во Јапонија, заедно со претседателот на Европскиот совет Доналд Туск, по консултациите со шефовите на европските партии се договориле Вебер да остане надвор од трката за претседател на ЕК.
Во игра остануваат кандидатот на социјалдемократите Франс Тимерманс, како и некои членови на ЕПП, а исто така се споменуваат имињата на европскиот преговарач за Брегзит Мишел Барние, шефицата на Светската банка Кристалина Георгиева и хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ.
Назначувањата на клучните позиции во ЕУ треба да бидат завршени на утрешниот вонреден самит во Брисел.
Comments are closed for this post.