Министрите за енергетика на ЕУ се состануваат во петок – еве 6 клучни прашања додека расправаат како да ги стават под контрола цените на гасот и електричната енергија.
Зголемените сметки за гас и струја ризикуваат да предизвикаат економски и политички хаос низ ЕУ, а расте и притисокот врз блокот да реагира.
Во Брисел се вжештуваат активностите. Прво се состануваат амбасадорите на ЕУ, а потоа и министрите за енергетика на итен самит во петок.
Но, што значи сето тоа? Што се очекува да разговараат министрите? И што ќе се постигне оваа недела? Еве водич пред клучниот самит.
1. Што е проблемот?
Цените на струјата го пробија плафонот низ целиот континент, главно поради тоа што Русија ги редуцира испораките на гас за да ги погоди украинските сојузници во ЕУ.
Цената на гасот е тесно поврзана со цената на електричната енергија во ЕУ, при што големопродажната цена на електричната енергија се одредува според потребата за да се задоволи побарувачката за следниот ден. Гасот многу поскапе – фјучерсите достигнаа 238 евра за мегават час во вторникот, што е повеќе од осумкратно зголемување во споредба со истиот период минатата година.
Ситуацијата ја влошуваат и високите температури летово, што го загрозија капацитетот на европските хидроелектрани. Проблемите со одржувањето ја принудија Франција да затвори 32 од своите 56 нуклеарни реактори, со што е нарушена улогата на земјата како историски извозник на електрична енергија.
2. Зошто се влошува?
Цените на енергијата донекаде се смирија по уривањето на рекордите кон крајот на август, но останува големата загриженост како ќе помине континентот во текот на зимската грејна сезона.
Рускиот „Газпром“ во петокот соопшти дека на неодредено време ќе ја запре испораката на гас за Европа преку гасоводот „Северен тек“.
Загрижувачи е тоа што сè освен блага зима може да ги принуди владите да ги рационализираат резервите, особено за индустриските корисници.
3. Што прави ЕУ?
Земјите на ЕУ ги наполнија складиштата за гас до 82 отсто од капацитетот, многу пред ноември, цел што беше договорена ова лето, овозможувајќи мало олеснување во врска со стравувањата за снабдувањето пред зимската сезона.
Комисијата подготвува планови за „итна интервенција“ на пазарот на електрична енергија на ЕУ. Европските амбасадори би требало да добијат нова проценка на политиките од Комисијата пред министерскиот состанок во петок, потврди портпарол на ЕК.
Многу национални престолнини, исто така, ги презедоа работите во свои раце и најавија мерки за поддршка и заштита на корисниците од високите сметки за енергија.
Францускиот претседател Емануел Макрон во понеделникот изјави дека Франција е подготвена да испорача повеќе гас на Германија оваа зима во замена за увоз на електрична енергија од Берлин.
Земјите од ЕУ, вклучувајќи ги Германија, Италија и Шпанија, воведоа сеопфатни планови за заштеда на енергија кои вклучуваат ограничувње на температурата за компаниите, вонредни даноци на вишокот профит што го остваруваат производителите на енергија кои не користат природен гас, пари кои потоа ќе бидат насочувани за помош на потрошувачите.
4. Кои се опциите?
Иако Комисијата сè уште нема официјален предлог, таа наведе неколку опции.
Во својата прелиминарна оценка, Комисијата предложи мерки за намалување на побарувачката на електрична енергија. Таа, исто така, предложи земјите да ја ограничат цената на електричната енергија добиена од други извори освен гасот и да ги прераспределат средствата од високопрофитните производители на енергија за да им помогнат на потрошувачите.
Комисијата, исто така, даде и неколку идеи за ограничување на цените на гасот, според документ во кој имаше увид Политико – за поставување максимална цена за рускиот гас или намалување на цените преку административни мерки.
Шпанија и Португалија, кои добија специјална дозвола од Комисијата во јуни да воведат привремено ограничување на цената на гасот, се сметаат како проба за слични мерки ширум блокот. Но, аналитичарите изразија сомневања дека иберискиот модел, кој вклучува субвенционирање на производителите на фосилни горива, може да се примени на други места – особено во земјите каде што фосилните горива се голем дел од енергетскиот микс и нивното субвенционирање може да се покаже скапо.
5. Дали земјите од ЕУ ги поддржуваат плановите на Комисијата?
Многу земји на ЕУ сега се за интервенција на пазарот, вклучително и некаков вид ограничување на цената на енергијата, но мислењата остануваат поделени за други предлози, како што е поставување максимална цена за рускиот гас – идеја што ја покрена претседателката на Комисијата Урсула фон дер Лајен.
Кремљ предупреди дека ќе го запре гасот како одговор, па во некои земји веќе бијат ѕвона за тревога.
Иако Германија сега добива многу малку гас од Русија, таа сè уште е загрижена за исклучувањето на гасот што ќе има каскадно влијание низ целиот блок. „Остануваме скептични кога станува збор за прашањата околу ограничувањето на цената на гасот“, рече портпаролот на германското Министерство за економија.
Но, други изгледаат незаинтересирани, а францускиот претседател Емануел Макрон во понеделникот рече дека „ако Комисијата одлучи да спроведе ограничување на цената на природниот гас купен преку гасоводи од Русија, Франција ќе поддржи таква мерка“.
Варшава оди чекор понатаму и ќе предложи ограничување на цената на целиот увоз на гас во Европа, изјави полски дипломат за Политико.
Исто така, постои претпазливост во врска со одвојувањето на цените на гасот и на струјата, иако мислењата почнуваат да се менуваат. Германскиот министер за економија Роберт Хабек призна дека на ЕУ и е потребна „фундаментална реформа на пазарот на електрична енергија“.
6. Што ќе се случува понатаму?
Министрите за енергетика на ЕУ ќе заминат за Брисел во петок, но не е јасно дали резултатот ќе биде договор.
Чесите, кои моментално претседаваат со Советот на ЕУ, составија листа на предлози, вклучувајќи ограничувања на цените на гасот од „специфични јурисдикции“ (читај: Русија), привремено раздвојување на цените на гасот и електричната енергија, зголемување на „ликвидноста на пазарот, „ ограничување на приходите од генератори кои не користат гас и проценка на влијанието на системот на ЕУ за тргување со емисии“.
Чешкиот министер за индустрија Јозеф Сикела рече дека министрите ќе разгледаат два предлога: одвојување на цените на гасот и електричната енергија и поставување максимална цена за енергијата што не се произведува од гас, како што се нуклеарните централи и обновливите извори на енергија.
Но, според еден дипломат на ЕУ, сè уште не е предложен закон и на самитот во петок ќе се разговара повеќе за националните гледишта, а официјалните разговори ќе се одржат на следниот Совет за енергетика во октомври. Висок функционер на Комисијата посочи дека формален предлог ќе следува по говорот на Фон дер Лајен за состојбата на Европската унија на 14 септември.
Челниците на ЕУ, исто така, одржуваат самит во октомври, но поради растечките цени на на енергијата, се зголемува притисокот за брза акција.
„Ако навистина сакаме нешто да направиме, ќе бидат потребни недели, а не месеци“, рече германскиот канцелар Олаф Шолц во понеделникот.
Comments are closed for this post.