За неговите приврзаници, Џулијан Асанж е храбар борец за вистина, но за критичарите тој единствено бара публицитет и ги загрозува луѓето објавувајќи чувствителни информации, пишува Би Би Си во текст по повод неговото денешно апсење.
Оние кои работеле со него го опишуваат како способен и многу интелигентен човек со исклучителна способност да „разбива“ компјутерски шифри.
Асанж го основа Викиликс, кој објавуваше доверливи документи и фотографии од 2006 година, а во 2010 година се најде на насловните страници ширум светот, кога во април објави снимка на која американски војници убили 18 цивили од хеликоптер во Ирак.
Тој, исто така, објави доверливи воени документи на САД за војните во Авганистан и Ирак во јули и октомври 2010 година.
Подоцна, истата година, е уапсен во Велика Британија откако Шведска издаде меѓународна потерница за негово апсење поради наводно сексуално злоставување.
Шведските власти побараа да го сослушаат поради тврдењата дека во август 2010 година силувал една жена и сексуално злоставувал и принудувал друга жена додека бил во Стокхолм каде одржал предавање. Тој изјави дека двата сексуални односа биле сосема доброволни.
Асанж е ослободен со кауција во декември 2010 година, но во мај 2012 година Врховниот суд на Велика Британија му пресудил дека треба да биде екстрадиран во Шведска.
Тој побара и доби азил во Амбасадата на Еквадор во Лондон.
Основачот на Викиликс секогаш тврдел дека не може да ја напушти амбасадата бидејќи стравува оти ќе биде екстрадиран од Шведска во САД, каде би можело да му се суди за објавувањето на тајните американски документи.
По речиси седум години поминати во еквадорската амбасада, британската полиција го уапси денеска и го отстрани од просториите на дипломатското претставништво.
Претседателот на Еквадор Ленин Морено напиша на Твитер дека неговата земја го повлекла азилантскиот статус на Асанж „по повторните кршења на меѓународните конвенции и дневните протоколи“.
Асанж е роден во 1971 година во Таунсвил во австралиската држава Квинсленд, а неговите родители биле глумци кои патувале низ земјата. Тој станал татко на 18 години, а набрзо следела борбата за старателство.
Развојот на интернетот му дал шанса да го искористи своето знаење од математика, иако тоа придонело и за многу проблеми.
Во 1995 година Асанж е обвинет, заедно со еден пријател, за десетици хакерски активности. Признал дека е виновен и казнет е со неколку илјади австралиски долари, избегнувајќи затворска казна само под услов да не го повтори кривичното дело.
Во 2006 година го основал Викиликс со група истомисленици, прифатил номадски начин на живот, водејќи го од различни локации. Можел долго да издржи без храна и се фокусирал на работа со многу малку спиење.
Comments are closed for this post.