Министерот за надворешни работи на Грција, Јоргос Катругалос во писмо до неговиот британски колега Џереми Хант наведува дека основен приоритет по Брегзит треба да бидат правата на граѓаните, како на Грците кои живеат, работат и студираат во Велика Британија, така и на Британците во Грција, со цел да продолжат да ги уживаат целосно соодветните, ако не и истите права, како и досега.
Како што јави дописничката на МИА од Атина, Катругалос вели дека Договорот за истапување на Велика Британија од ЕУ е единствениот начин за да се гарантира непречен Брегзит со „правна безбедност, како за властите, така и за граѓаните и бизнисите”, но и за целосна заштита на правата на граѓаните.
„Во Обединетото Кралство живее значителна грчка заедница, како и во Грција многубројна британска заедница и се надеваме дека и двете ќе продолжат да ги уживаат целосно придобивките и привилегиите што ги имаа пред напуштањето (на Велика Британија на ЕУ). Затоа, ние цврсто ја поддржуваме потребата за ратификација на Договорот за истапување пред 29 март 2019“, пишува Катругалос во писмото до неговиот британски колега.
Сепак, шефот на грчката дипломатија истакнува дека ратификацијата останува неизвесна и затоа Грција е принудена да се подготвува за можноста за сценариото за Брегзит без договор, во тесна соработка со ЕУ и други земји членки на ЕУ.
Катругалос го убедува неговиот колега Хант дека британските граѓани се добредојдени во Грција, бидејќи тие се „важен мост на пријателство меѓу двете земји”, а нивните права целосно ќе се гарантираат.
„Нашите државни служби работат, без одлагање, на изготвување закони со брза имплементација, кои навремено ќе бидат изгласани пред 29 март 2019 и ќе им даваат можност на британските граѓани и членовите на нивните семејства, кои веќе живеат во Грција, пред датумот за напуштање (29 март 2019), да останат во земјата и да продолжат да живеат, да студираат и да работата, како и да ги уживаат социјалното осигурување и здравствената заштита“, објаснува шефот на грчката дипломатија во писмото.
Comments are closed for this post.