Претседателот на Меѓународната полициска организација (Интерпол), Кинезот Менг Хонгвеј, за кого денеска беше објавено дека „исчезнал“ откако минатата недела од Франција заминал за Кина, бил приведен од страна на кинеските власти по пристигнувањето во земјата, објави хонгконшкиот весник „Саут Чајна Морнинг Пост“.
Весникот, повикувајќи се на анонимни извори, тврди дека кинеските власти повеле истрага против 64-годишниот Менг и дека тој бил приведен на распит веднаш по пристигнување во Кина на 29 септември.
„Саут Чајна Морнинг Пост“ посочува дека не е познато каде во моментов се наоѓа Менг и за што го товарат кинеските власти.
Пекинг досега не ги коментираше тврдењата на хонгконшкиот весник.
Менг, кој беше избран за претседател на Интерпол во ноември 2016 година, пред изборот на оваа функција беше потпретседател на кинеската Комисија за контрола на наркотиците и директор на Националната служба за борба против тероризмот. Меѓутоа, во април годинава Менг беше разрешен од должноста член на Централниот комитет на Комунистичката партија на Кина.
Претходно денеска, извори од француската полиција соопштија е започната потрага по Менг, откако неговата сопруга во полициска станица во Лион пријавила дека „нема никаков глас“ од него по неговото заминување за Кина на 29 септември.
Comments are closed for this post.