Маларијата може да се искорени до 2050 година и Светската здравствена организација (СЗО) не треба да бега од таа „цел од епски размери“, велат светските експерти за здравство.
Во голем извештај, кој е во спротивност со заклучоците од минатомесечниот извештај на СЗО за маларија, 41 експерт рекоа дека маларијата, една од најстарите и најсмртоносни болести во светот, може да се искорени најрано до 2050 година, пренесува Хина.
За да се исполни оваа цел, владите, научниците и лидерите во јавното здравство мора да вложат повеќе пари и иновации во борбата против болеста и комарците што ја пренесуваат, се вели во извештајот, додавајќи дека „потребни се амбиции, посветеност и партнерство како никогаш порано “.
„Искоренувањето на маларијата предолго е далечен сон, но сега имаме докази дека може и треба да се искорени до 2050 година“, рече Ричард Фикем, директор на Глобал Хелт Груп од Универзитетот во Калифорнија, Сан Франциско, и еден од авторите на анализата, побарана од стручното списание Лансет.
Анализата на Лансет е објавена неколку недели откако СЗО го објави својот извештај за маларија и заклучи дека болеста не може да се искорени наскоро и дека поставувањето нереални цели со непознати трошоци и исходи може да доведе само до фрустрација и контрареакции.
Во 2017 година, речиси 219 милиони луѓе биле заразени со маларија и скоро 435.000 починале, повеќето од нив бебиња и деца во најсиромашните делови на Африка.
За да се искорени до 2050 година, експертите во анализата на Лансет дадоа неколку предлози. Тие велат дека треба попаметно да се користат мрежите за заштита од комарци, лекови и инсектициди треба да се користат попаметно, и дека треба да се развијат нови агенси, како што се вакцини.
Comments are closed for this post.