Францускиот генерал Бруно Лере, денеска изјави дека припадниците на Армијата на Франција, кои утре ќе ги обезбедуваат јавните згради за време на 19-та сабота по ред на протести на „жолтите елеци“, ќе имаат право да отворат оган врз демонстрантите, доколку бидат загрозени нивните или животите на лицата кои ги штитат, јави дописникот на МИА.
Портпаролот на француската Влада Бенжамен Гриво во средата соопшти дека утре за време на протестите, пред значајните објекти во Париз ќе бидат распоредени војници, кои нема да го одржуваат редот и нема да бидат во контакт со демонстрантите.
Во интервју за Франс Инфо, генерал Лере изјави дека „упатствата на војниците се ригорозни” и дека правната рамка во која тие работат не е иста како онаа на внатрешните безбедносни сили.
Тие имаат различни начини на дејствување за да се справат со секоја закана, изјави Лере, додавајќи дека војниците „можат да отворат оган, ако бидат загрозени нивните или животите на луѓето кои ги штитат“. Тој, сепак, додаде дека војниците се обврзани да дадат „предупредување“ дека ќе пукаат.
По терористичките нападите во Франција во јануари 2015 година, се ангажирани околу 10.000 војници, вклучувајќи и 3.000 резервисти, кои немаат задача за одржување на редот, туку ги штитат верските објекти во земјата и места кои се изложени на зголемен терористички ризик или каде има многу посетители.
Comments are closed for this post.