Американското Федерално истражно биро (ФБИ) почна истрага против корпорациските гиганти Џонсон енд Џонсон, Сименс, Џенерал електрик и Филипс поради сомнение дека подмитувале бразилски функционери во случај со продажба на медицинска опрема, тврдат двајца бразилски обвинители.
Бразилската федерална обвинителка, Мариса Ферари потврди дека американското Министерство за правда и Комисијата за хартии од вредност помагаат во бразилската истрага за купување медицинска опрема.
Според бразилски обвинители тие компании во изминативе 20 години подмитувале владини функционери за да осигураат зделки со набавка на медицинска опрема, наменета за системот на здравствена грижа во таа јужноамериканска земја, пренесува Хина.
Бразилските власти посочуваат дека над 20 компании, веројатно, се здружиле во картел кој подмитувал функционери. Тие ја обвинуваат и владата дека ги фингирала и цените на медицинска опрема, односно прикажувала повисоки цени за уреди за магнентна резонанца и опрема за протетика.
Џонсон енд Џонсон, Сименс, Џенерал електрик и Филипс, чија вкупна пазарна капитализација изнесува речиси 600 милијарди долари, според цените на акциите на берзите синоќа, се најголеми странски фирми против кои во Бразил во изминатите години е покрената истрага поради сомнение за корупција.
Континуирано разменуваме информации со ФБИ за овој случај. Тие бараат документи, ние им ги испраќаме. За возврат, ни помагаат во нашата истрага, појасни Ферари.
ФБИ ниту потврди, ниту демантира дека се спроведува истрага.
Comments are closed for this post.