ЦИА пред две години повлече од Москва двајца врвни агенти. Каков им е животот потоа? Крис Коста, поранешниот советник на Доналд Трамп и добар познавач на тајните служби, раскажува за малку гламур, а многу подеми и падови.
Еден соработник на Кремљ, кој наводно со години работел за ЦИА во Москва, во 2017 година е повлечен од руската престолнина, објавија минатиот понеделник американската телевизија Си-ен-ен и весникот „Њујорк тајмс“. Останува нејасно зошто е евакуиран агентот на ЦИА – дали поради страв од начинот на кој Доналд Трамп се однесува со разузнавачките информации или поради тоа што агентот бил откриен. Потоа се појавија информации дека се работи за Олег Смоленков, соработник на Кремљ, кој работел за советник за надворешна политика на претседателот Путин. Но ако навистина бил агент на ЦИА, тогаш во САД живеел без некаква посебна тајност. „Тој живееше повлечено“, го цитира „Њујорк тајмс“, 63-годишниот Грег Талу, кој живее наспроти куќата на Смоленков.
Имот што тој и неговата сопруга си го купиле очигледно на нивните вистински имиња. Но, соседите раскажуваат дека по медиумските извештаи семејството се отселило набрзина. Директорот на Меѓународниот музеј за шпионажа во Вашингтон, Крис Коста, со големо внимание ја следи приказната. Коста е поранешен разузнавач со над триесетгодишно искуство. До скоро имаше раководна функција во Националниот безбедносен совет и беше специјален советник на Донал Трамп.
„Заштита од ликвидација“
Дел од деталите во приказната околу Смоленков за Коста се незамисливи. „Немам информации од прва рака, но имам искуство со вакви работи“, вели Коста во интервју за ДВ. Тој е изненаден што наводниот агент на ЦИА така отворено си купил куќа и тоа на свое име. Копија од купопродажниот договор беше објавена во весникот „Вашингтон пост“. „Американската влада треба да се потруди агентите да ги заштити од обиди за убиство или слични закани“, вели Коста.
Кога се појавиле првите новинари пред куќата на Смоленков, ним им пристапиле непознати мажи во затемнето комбе, кои се претставиле како пријатели на сопственикот на куќата. Може ли куќата да биде стапица за потенцијални платени убијци? „Многу неверојатно“, смета Коста и додава „тоа би било крајно нетипично“.
Во основа, Коста е скептичен во врска со вистинитоста на приказната за наводниот топ-шпион од Кремљ. И Мајк Помпео изјави дека поголемиот дел од извешаите што ги прочитал имаат неточни факти. „Ова е интересно, ама мислам дека не ја знаеме целата приказна.“
Агенти пребегани од Москва
Колку би бил безбеден во САД агент на ЦИА од Москва по повлекувањето и „пензионирањето“? Дали Москва некогаш се обидела да ликвидира на американска територија некој кој се смета за „предавник“ на Кремљ? „Добро прашање“, заклучува Коста. Поранешниот генерал од КГБ, Олег Калугин, кој емигрираше во САД и беше осуден од страна на Русија во отсуство, му тврдел на Коста дека „ниту советските ниту руските тајни служби не се обиделе да направат нешто такво во САД“.
Агентите од Русија значи можеле да се чуствуваат безбедно во САД. Од друга страна, ниедна друга земја не може да се опише како безбедна, ги сумира Коста исказите на Олег Калугин. Дури и во Велика Британија минатата година имаше напад врз руско-британскиот двоен агент Сергеј Скрипал и неговата ќерка. Тоа не значи дека Русите во иднина нема да се обидат да направат нешто вакво и во САД, признава Коста.
Животот потоа
Што прави еден агент по повлекувањето од службата? „Обична кариера“, која изгледа едноставно, вели шефот на Музејот на шпионажа во Вашингтон. „Најчесто Ве селат во САД или Велика Британија, каде што потоа може да работите како советници на тајните служби.“ Колку често таен агент добива ново име или идентитет? Коста го избегна ова прашање. „Не можам да кажам колку луѓе низ годините добиле нови имиња или идентитет, но познавав многумина кои живееле релативно нормален живот, само не под нивното вистинско име.“
Дали луксузот исто така му припаѓа на релативно нормалниот живот за кој зборува Коста? „Не“, коментира тој. Пред неколку години тој организираше средба на ексагенти кај него дома. „Според мене, ова не е живот на сјај и гламур.“ Се разбира, повеќето од повлечените агенти денес водат подобар живот во САД, бидејќи многумина избегаа од тоталитарните влади, додава Коста. Но, новиот живот секогаш е полн со нови предизвици: „Навистина е тешко и воопшто не е едноставно.“
Осудени на смрт
Нема само „подеми“, туку „и подеми и падови“. За Коста типична депресивна приказна е онаа на Ким Филби. Тој беше високо рангиран британски разузнавач, кој во средината на 20 век работеше за Москва и потоа пребега во Советскиот Сојуз, каде што до крајот водеше осамен живот. „Неговиот живот, за кој имаме и поставка овде во музејот, е како по урнек – пиеше многу и се чувствуваше неприфатено.“
Приказната за Олег Пенковскиј има уште полош исход. „Тој беше полковник на военото разузнавање во Советскиот Сојуз и, така да се каже, шпион на Џон Ф. Кенеди.“ Депешите од Пенковскиј стигаа директно на масата на американскиот претседател. Ова им овозможи на САД да донесат вистински одлуки во однос на кризата со Куба, вели Коста. „Во еден идеален свет Пенковскиј ќе сфатеше дека е под надзор на руските контраразузнавачки служби. Но не сфати.“ Во 1963 година полковникот Пенковскиј беше осуден на смрт и покрај обемното признание
Comments are closed for this post.