Турскиот министер за надворешни работи Мављут Чавушоглу денеска изјави дека „е време“ за покренување меѓународна истрага за убиството на саудискиот новинар Џамал Кашоги.
Чавушоглу најави дека за време на посетата на специјалната известувачка на ОН за вонсудски и арбитрарни егзекуции, Агнес Калaмaрд на Анкара следната недела, ќе го покрене прашањето за започнување истрага за смртта на Кашоги, кој беше убиен на почетокот на октомври минатата година во Конзулатот на Саудиска Арабија во Истанбул.
Шефот на турската дипломатија оцени и дека „некои земји се обидуваат да го пребришат убиството“, со цел да ја заштитат Саудиска Арабија, но не посочи на кои земји мисли.
Кашоги беше новинар на весникот „Вашингтон Пост“, познат по своите критички текстови за властите во Ријад и пред се за саудискиот престолонаследник, принцот Мохамед бин Салман.
Обвинителството во Ријад за убиството на Кашоги осомничи 11 лица, од кои за петмина бара смртна казна. Но, критичарите на властите во Ријад сметаат дека овие обвинувања се само обид за дистанцирање на принцот Мохамед од убиството.
Comments are closed for this post.