Гласачките места во Австрија утринава беа отворени за гласање на предвремените парламентарни избори кои ги предизвика „аферата Ибица“, поради која се распадна владејачката коалиција на десницата и екстремната десница по 18 месеци.

Конзервативниот канцелар Себастијан Курц ги најави изборите на 18 мај, по објавувањето на компромитирачка видео снимка за екстремно десничарската Слободарска партија на Австрија, која беше негов коалиционен партнер од крајот на 2017 година.

Најголемиот дел од гласачките места беа отворени во 7 часот, а првите проценки за изборните резултати се очекуваат брзо по завршувањето на гласањето во 17 часот.

Конзервативната Австриска народна партија на Курц, според анкетите, е фаворит на изборите се поддршка меѓу 33 и 35 отсто, далеку пред Социјалдемократската партија на Австрија која има поддршка од 22 отсто од граѓаните и крајно десничарската Слободарска партија на Австрија(ФПО) со 20 отсто.

Според анкетите, Курц ќе има можност да формира коалиција со една од тие две партија, но и со либералната партија Неос или со Зелените, кои според анкетите имаат поддршка од 4 отсто од граѓаните.

Изборите ќе бидат и тест за националистичката ФПО дали се опоравила од скандалот поради кој од челната позиција на партијата по 14 години се повлече Хајнц-Кристијан Штрахе, кој беше вицепремиер во владата на Курц. Штрахе поднесе оставка по објавувањето на видео снимка од Ибица, на која се гледа како тој на наводна руска бизнисменка ѝ нуди пристап до јавните фондови доколку го купи мнозинскиот удел во австрискиот весник Кронен цајтунг и ја поддржи неговата партија. Поради „аферата Ибица“, Курц ја раскина коалицијата со ФПО, по што беше изгласана недоверба на владата. Со земјата од 8,8 милиони жители оттогаш управува непартиска привремена администрација на чие чело е Брижит Биерлејн, поранешна претседателка на највисокиот суд во Австрија.