Одлична игра на Македонија, одигравме 1:1, освоивме голем бод, но можеме да жалиме по трите. Нашата репрезентација создаде многу шанси, но реализиравме една. Израел со голот на Захави поведе во 55. минута, но Адеми израмни во 64. минута. Елиф Елмас имаше прекрасна шанса за победа во судиското продолжение, но не погодивме.

Одигравме одлично прво полувреме во кое се редеа нашите шанси, но како да беше маѓепсан голот на Израел. Бомба на Барди, контра на Алиоски и одлична гол шанса за Елмас. Македонија везеше на теренот, иако играше без капитенот. Израел и Херцог немаа решение за нашата игра во првите 45 минути. Израел во првиот дел постигна гол преку Дабур, но беше поништен поради игра со рака.

Во второто полувреме, Израел нападна по крилните позиции и по само десетина минути игра Захави погоди за водство. И кога селекторот Ангеловски се одлучи на се или ништо, кога Пандев и Трајковски беа крај аут линијата да влезат во игра ја видовме таа грамада од човек и фудбалер – Аријан Адеми. Центрира Алиоски, скока Адеми и молк на „Тарнер“ стадионот.

Македонија се враќа во игра за победа но сега со Пандев во тимот. Но Израел нападна со сите сили, имаа закани, се редеа ударите по голот на Димитриевски. Нашата лева страна комплетно беше разбиена. За среќа тоа не им донесе ефект на домаќините. Во таквата бркотница се создадоа и нашите шанси за контри и полуконтри. Пандев имаше одлична прилика, па Трајковски… Малку, малку недостигаше за нов наш гол, пресврт и три бода. Иако врвот е далеку и таму е Полска ние се враќаме во игра за добар пласман во ови квалификации.