Претседателот на Франција, Емануел Макрон, изјави денеска оти се противи на политизација на спортот и бојкот на Светското фудбалско првенство кое в недела почнува во Катар.
– Не сум за бојкот на Светското првенство. Тоа прашање требаше порано да се постави уште кога се одлучуваше кој ќе биде домаќин на турнирот, порача Макрон од Бангкок каде учествува на Самитот на лидерите на организацијата на Азиско – пацифичка економска соработка (АПЕК).
Макрон оцени дека е добро што Катар, како прва земја од арапскиот свет, е домаќин на Светското првенство во фудбал, бидејќи организацијата на завршниот турнир довело до „поместување на работите“ во реформите во таа земја.
Критиките од западниот свет на адреса на Катар, пред сè, се однесуваат на недоволна заштита на човековите права и нехумани услови за работа на работниците мигранти.
Comments are closed for this post.