Најмалку 44 рации и апсења во Белгија и 13 во странство, вклучително и Македонија, се спроведени во рамки на истрагите на повеќе белгиски полициски единици за наместени фудбалски натпревари. Ова е веста што ја соопштија белгиските власти денеска околу пладне.

Десет белгиски клубови од Лига 1А: Стандард, Андерлехт, Бриж и Генк…. биле под истрага. Утрово полицијата сѐ уште истражувала во просториите на клубот Стандард од каде биле конфускувани низа документи. Клубот тврди дека не е загрижен и соработува со истрагата.

Истрагата почнала уште во 2017 година кога полицијата во Белгија била информирана од страна на единицата за спортски малверзации за сомнеж околу можни наместени натпревари и сомнителни финансиски трансакции.

Се верува дека менеџерите на некои од фудбалерите биле инволвирани во овие трансакции и дека криеле провизии од властите  и од други инволвирани страни. Провизиите се однесувале меѓудругото на трансфер на играчи, платите на играчи и на нивните тренери и низа други исплати. За време на истрагата почнале да се појавуваат индикации за влијание врз натпреварите 2017/2018. Во тој миг федералното јавно обвинителство одлучило да го прошири мандатот на истражниот судија на оваа област.

Во Белгија е уапсен Моги Бајат, многу позната фудбалска фигура во земјата, но и тренерот од Бриж, Иван Леко, поранешниот директор на клубот Андерлехт, Херман Ван Холсбек, и двајца судии, потврди обвинителството денеска.

Обвинителите информираа дека операции се воделе во многу други земји, вклучително и Македонија, Србија, Франција, Луксембург, Црна Гора и Кипар. Операциите се кооридинирани судски на ниво на Еуроџаст.

Станува збор за операции кај лица за кои постои сомнеж дека помогнале да се организираат сомнителните финансиски трансакции. Конфискувани се докумени и сефови, меѓу другото.

Во неделата, на Фејсбук страницата на “Македонци во Белгија“ се појави објава во к оја се повикуваат членовите на групата ако се заинтересирани да уплатат за наместен натпревар. Меѓутоа, нејасно е дали станува збор за стапица во рамки на истрагата, шега или дел од наместените натпревари.

На предметот работеле вкупно 220 полицајци, од кои 184 во Белгија, а 36 во странство.