Легендарниот голман на Арсенал Петер Чех планира да се повлече од професионалниот фудбал, а тоа ќе го направи токму на финалето на Лига Европа, и токму против Челзи, неговиот претходен клуб во кој го стекна статусот на „икона“.
Чех, кој актуелно е голман на Арсенал, на „Стемфорд бриџ“ бранеше 11 години, од 2004 година до 2015 година, а со тој клуб освои четири шампионски титули на Англија, четири ФА купови, три Лига купови, четири англиски Суперкупа, Лига Европа во 2013 година, како и Лигата на шампионите во 2012 година.
Во 2015 година, откако беше јасно дека веќе нема да биде прв голман на Челзи, преминува кај Арсенал за трансфер вреден 14 милиони евра. Успесите не изостануваа и кај „топџиите“, дури успеа да се наметне и како капитен на Арсенал, а во 2018 година беше прогласен најдобар голман.
Во јануари годинава објави дека на крајот на сезоната ќе се збогува со фудбалот.
Инаку, англиските клубови Челзи и Арсенал се изборија за финалето на Лига Европа, кое ќе се одржи 29 мај, на „Олимпискиот стадион“ во Баку, Азербејџан. Токму ова финале ќе му биде 727-от натпревар во кариерата, ако се земат предвид клупските и репрезентативните натпревари.
Comments are closed for this post.