Македонија е земја на неколкумина и нивните богати, разгалени, арогантни и бескруполозни деца. Сите други се топовско месо. Се умира на крстосница, за паркинг место, за пијачка, за поглед кон туѓа девојка. И сеедно е за што се умра кога и онака зад вредоста на нашите животи не стои државата. Државата ги штити убијците. Скопскиот асфалт, ендеците, реките, станаа гробници на умрени без ден. Десетици, а можеби и стотици нерасветлени убиства, починати од „природна смрт“. Во Македонија стана природно да се умира насилно.
Ова не е новинарска констатација. Ова е констатација на еден уплашен човек, сведен на незаштитено човече. Ниту полицаец, ниту лекар. Ниту судија, ниту кадија. Човече оставено на ветрометина, да го шибаат волјата и неволјата на оние неколку семејства кои ја контролираат државата.
Смртта на ракометарот Денис Тот ја потресува јавноста последниве денови. На асфалтот пред дискотеката „Привилиџ“ згасна млад живот. Имаше само 27 години. Оваа смрт освен што е семејна трагедија, таа е и општествена. Се проширија многу шпекулации за она што се случило кобната ноќ пред дискотеката, а трагедијата е што тие потекнуваат од официјални лица, авторитети, директорката на КАРИЛ Маја Мојсова и МВР.
Иако првично медиумите јавија дека ракометарот на Бутел бил претепан, директорката на КАРИЛ тврдеше дека немало видливи траги на телото на сега починатиот. МВР потврди, за под притисок на семејството на ракометарот и хрватската дипломатија, да излезе дека сепак, не се медиумите тие кои шират невистини, туку здравство и МВР. Кој и зошто се обиде да го прикрие убиството на младиот ракометар? Колку убиства на македонски државјани завршиле како несреќен случај, како природна смрт? Колку срца откажале, а колку животи всушност биле насилно прекинати?
7 април
Ракометар на Бутел се бори за живот на скопските клиники и се наоѓа во тешка состојба откако рано изутрина бил донесен во болница со тешки телески повреди, пренесува 24 Ракомет доцна вечерта.
РК Бутел потврди дека повредите се нанесени од тепачка или со удирање од тврди предмети, а ракометарот се бори за живот.
Од Министерството за внатрешни работи нема потврда за случајот и детални информации.
Истата вечер Вечерњи лист објави дека се работи за Хрватот Денис Тот.
8 април
Наспроти информациите на клубот Бутел и хрватските медиуми дека ракометарот Денис Тот бил претепан во скопскиот клуб „Привилиџ“, тој на КАРИЛ бил донесен без видливи знаци на насилство, но во критична состојба и без срцева акција, потврди директорката Маја Мојсова.
Ракометарот е во критична состојба. Слободно, можам да кажам дека се бориме за неговиот живот. Но, тоа што е чудно е дека тој нема видливи знаци на насилство. На нашата клиника беше донесен без срцева акција. Правиме се што можеме во моментот за да му го спасиме животот – вели доктор Мојсова во изјава за „Фокус“.
Министерството за внатрешни работи ја потврди изјавата на Мојсовадека хрватскиот ракометар Даниел Тот, не бил претепан, туку на КАРИЛ бил донесен во бесознание и срцева акција.
Според порталот „Вечерњи“ хрватскиот ракометар бил претепан во ноќниот клуб „Привилиџ“, а снимките од безбедносните камери биле избришани.
Лице вработено во ноќниот клуб повикало Итна медицинска помош по што сега починатиот бил пренесен на Ургентниот центар при Клиниките „Мајка Тереза“.
Братот на починатиот им верува на институциите и апелира медиумите да престанат да шират лажни вести дека Денис бил претепан. 2Брат ми почина од срцев удар“, вели тој.
МВР соопшти дека ракометарот претходно бил нападнат од три лица пред ноќен клуб во градскиот парк во Скопје и му биле нанесени удари по главата, по што паднал во бесознание.
По соопштението од МВР околу нападот на ракометарот Денис Тот денеска се одзва и Основното јавно обвинителство кое бара притвор за тројца осомничени, меѓу кои и една девојка, кои се сомничат за убиство на хрватскиот ракометар кој настапуваше за ракометниот клуб Бутел.
9 април
ОЈО соопшти дека постапува по добиеното известување од Министерството за внатрешни работи. Обвинителството издало наредби за обдукција, за обезбедување на видео записи од безбедносни камери „Сејф сити“ и ноќниот клуб, како и да се сослушаат повеќе лица кои сведочеле на настанот и можат да дадат податоци потребни за истрагата.
ОЈО во соопштението наведува дека по извршената обдукција на починатото лице, според првичните наоди, иако нема видливи повреди, смртта е насилна и настапила како резултат на повреди на мозокот настанати од нанесените удари.
Обвинителство наведува дека настанот се случил на 7 овој месец, во раните утрински часови, пред ноќен клуб во Скопје кога осомничените по кратка вербална расправија, го нападнале сега починатиот хрватски државјанин и му задале повеќе удари со боксови и клоци.
Министерството за здравство соопшти дека ќе се спроведе вонреден инспекциски надзор за постапката за прифаќање и третманот на младиот ракометар. Ракоментарот вчера попладне почина во скопскиот Клинички центар.
Во два дена триста информации, триста лаги и обиди да се купи време. Прикривање траги, бришење камери… Семејната трагедија на семејството Тот е нашата колективна трагедија. Трагедија на една запустена Македонија, на корумпирани институции, на безвредни животи.
И додека „некој точно знае што прави“, како што коментира Вечерњи, нашите животи висат на истите тенки конци на кои Денис Тот го положи животот на скопскиот асфалт.
Comments are closed for this post.