Тимот на Хјустон Рокетс постигна успех со 138:134 по продолжение над Лос Анџелес Лејкерс во ред средба од регуларната сезона на НБА.
Гостите повторно беа без големата ѕвезда Леброн Џејмс, но го почнаа подобро дуелот од противникот, откако постигнаа 39 поени во првата четвртина и поведоа со 13+. Разликата постепено се зголемуваше и достигна 21 поен, а на полувремето „ракетите” заостануваа со -18 (64:46).
Водени од актуелниот МВП на лигата, Џејмс Харден, домаќините одговорија на предизвикот по големата пауза и пред решавачкиот дел ја намалија негативата до четири поени. На крајот избраниците на Мајк Д’Антони го одведоа натпреварот во продолженија, каде по цврста битка успеаја да направат пресврт против калифорнискиот противник, за да триумфираат со крајниот успех.
Над сите беше Харден кој постигна 48 поени, а кон нив додаде 8 скока и 6 асистенции. Ова беше 19 последователна игра за „брадата” со најмалку 30 поени. Ерик Гордон додаде 30 за успехот на „ракетите”.
Во следните дуели Хјустон гостува на Филаделфија 76-ерс, а Лејкерс го пречекуваат дома актуелниот шампион Голден Стејт.
Еве ги другите резултати од вечерта:
Филаделфија 76-ерс – Оклахома Сити 115: 117
Шарлот Хорнетс – Феникс Санс 135: 115
Детроит Пистонс – Сакраменто Кингс 101: 103
Индијана Пејсерс – Далас Маверикс 111: 99
Орландо Меџик – Милвоки Бакс 108: 118
Атланта Хокс – Бостон Селтикс 105: 113
Торонто Репторс – Мемфис Гризлис 119: 90
Чикаго Булс – Мајами 103: 117
Денвер Нагетс – Кливленд Кавалиерс 124: 102.
Comments are closed for this post.