– Италијанската машка одбојкарска репрезентација ја одбрани титулата светски првак, откако попладнево ја совлада Бугарија со 3-1 (21, 17, -17, 10) во финалето на мундијалскиот турнир на Филипините, пред 15.862 гледачи во Пасај сити.
Ова е петта титула и шести медал за Италијанците на светските првенства, додека Бугарите, исто така, имаат шест одличја, а ова беше нивниот втор сребрен медал, заедно со четири бронзени медали.
Бугарите, кои прв пат се најдоа во финалето по пауза од 55 години, беа рамноправен противник, освоија и сет, но сепак не можеа до крај да им парираат на енергичните Италијанци.
Актуелните светски шампиони сервираа фантастично, а Матија Ботоло и Јури Романо целосно го уништија бугарскиот прием. Италијанците запишаа 13 аса, од кои Ботоло седум, а Романо пет.
Бронзениот медал го освои Полска, која претходно денеска ја совлада Чешка со 3-1.
За Полјаците, кои сезонава ја освоија Лига на нации, ова е нивниот шести медал на светските првенства, а покрај трите златни и два сребрени медали, тие го додадоа и своето прво бронзено одличје.
Comments are closed for this post.