Случајот со шест жртви во Бугарија предизвика бран теории на заговор и шпекулации и доминираше во вестите во Бугарија повеќе од две недели. Локалните власти го опишаа како кривично дело „без преседан во земјата“.

На 2 февруари, тројца мажи беа пронајдени мртви покрај делумно изгорена планинска куќа во близина на превојот Петрохан, западна Бугарија, недалеку од границата со Србија.

Во исто време, сопственикот на колибата, Ивајло Калушев, заедно со 22-годишен млад човек и 15-годишно момче, исчезнаа без трага.

Сите што престојуваа во таа колиба беа членови на бугарската невладина организација „Национална агенција за контрола на заштитените подрачја“ (НАЦПТ).

Споредби со ТВ серијата „Твин Пикс“

Откако беше објавена веста за откривањето на телата, вршителот на должноста главен обвинител, Борислав Сарафов, се обрати до медиумите и рече дека активностите на таа невладина организација „не се чист бизнис“.

Кога еден новинар забележа дека она што го кажува Сарафов звучи како „секташка мрежа што вклучува педофилија“, главниот обвинител одговори: „Добро ме разбравте“.

„Понекогаш животот претставува уште почудни околности од оние во Твин Пикс“, рече тој.

Случај што ја шокираше нацијата

Коментарите, за кои првично немаше никакви докази, ја отворија Пандорината кутија со шпекулации за невладината организација, вклучително и тврдења дека станува збор за паравоена организација или дури и за будистички култ.

А потоа, шест дена подоцна, на 8 февруари, шпекулациите се разгореа уште повеќе кога трите исчезнати лица беа пронајдени мртви во кампер на врвот Околчица, на околу 80 километри од првото место на злосторството.

Главната хипотеза на истражителите беше дека имало четири самоубиства и две убиства. Поголемиот дел од шпекулациите се вртат околу Ивајло Калушев, раководителот на НАЦПТ. Калушев бил спелеолог и ренџер, кој работел во Бугарија и Мексико.

Со членовите на организацијата, тој патролирал по планините во западна Бугарија, барајќи ловокрадци, нелегална сеча и можни трговци со луѓе.

Шефот на бугарската криминалистичка полиција потврди дека властите претходно соработувале со Калушев и неговиот тим.

Иако Калушев и другите членови на групата легално поседувале неколку оружја, властите ги отфрлаат тврдењата дека НАЦПТ дејствувала како паравоена организација.

Обвинувања и извештаи против НАЦПТ

Калушев бил будист и примал деца во својата колиба со согласност на родителите. Таму учеле за спелеологијата и живееле во заедница, со духовни обреди. Во многу случаи, децата престанале редовно да одат на училиште и почнале да живеат во колиба.

По неговата смрт, маж кој ја посетувал оваа „обука“ како малолетник јавно изјавил во интервју за истражувачкиот портал Бирд дека Калушев сексуално ги злоупотребувач момчињата и дека тој го пријавил тоа на властите во 2022 година.

Сепак, неговата мајка тврди дека лаже. Во интервју за ЈуТјуб каналот Дневен ред, таа признала дека му дала големи суми пари на Калушев, кој го сметала за „духовен водач“.

Институционални сомнежи

Невладината организација е пријавена до надлежните институции неколку пати во последните четири години. Најмалку еден извештај содржел тврдења дека Калушев извршил сексуални дејствија или „блудни дејствија“.

Ништо не се случило – немало детална истрага. Според достапните сведоштва на луѓе од кругот на Калушев, информациите за пријавите подоцна стигнале и до него, што го навело да се посомнева дека нивниот можен извор е во самата организација.

Контродикторните наводи за тоа колку чаури биле пронајдени на местото на првото злосторство, заедно со објавените снимки од надзорните камери на кои се гледа како групата заминува на 1 февруари, дополнително ги поттикнаа теориите на заговор за вмешаност во убиствата на нарко-картелите или дури и на државните структури.

За ниту едно од тие тврдења не се презентирани официјални докази

Премногу теории на заговор

Случајот покажува колку е длабока недовербата на бугарската јавност кон обвинителството и полицијата.

На пример, вршителот на должноста главен обвинител Сарафов е исклучително непопуларен. Неговиот рејтинг во декември беше само четири проценти – според анкетата на агенцијата „Алфа рисрч“.

Во исто време, политичките партии во Бугарија ја користат трагедијата како оружје за кампањата пред осмите вонредни парламентарни избори во земјата за само пет години, што треба да се одржат во април.

Трагедијата се користи како политичка алатка

Во средината на сите обвинувања и контратврдења, владејачките партии го користат случајот за да го нападнат опозицискиот сојуз на ПП ДБ, истакнувајќи дека за време на нивниот мандат, Министерството за екологија потпишало необврзувачки меморандум со организацијата на Калушев.

„Од институционална гледна точка, ова е пример за тоа како одредени случаи можат да се користат за цели што одат подалеку од кривичните постапки, дури и за дискредитација на политичките противници“, изјави за ДВ Андреј Јанкулов, адвокат и експерт во Фондот за борба против корупцијата.

Јанкулов ја поврзува недовербата на граѓаните во државните институции со бројни ситуации во кои обвинителството давало неоправдани изјави за случаи што никогаш не добиле судски епилог.

Општо е прифатено дека недостатокот на пресуди произлегува од политичкото влијание врз обвинителите и судиите во текот на последната деценија.

Како резултат на политичките напади, критичарите тврдат дека јавната дебата отстапила од клучните прашања – дали властите можеле да ги спречат убиствата ако навреме ги истражеле извештаите? Каков бил нивниот став кон организацијата? И кои се мотивите за трагедијата?

„Едно е сигурно: првичните реакции на вршителот на должноста главен обвинител и истражителот го олеснија ширењето на теориите на заговор, бидејќи ги охрабрија новинарите и јавноста да „читаат меѓу редови“, изјави за ДВ новинарот и медиумски тренер Георги Марчев.

Може ли да се врати довербата?

Според Јанкулов, поранешен обвинител, враќањето на довербата во институциите ќе бара кадровски промени и поголема ефикасност.

Бугарија, заедно со Унгарија, е рангирана како најкорумпирана членка на Европската Унија, според Индексот за перцепција на корупцијата на Транспаренси Интернешнл.

„Само кога институционалната независност ќе стане реалност, може да се очекува општеството повторно да верува во она што го кажуваат институциите“, заклучува Јанкулов, додавајќи дека се надева дека „врската меѓу институциите и општеството нема да биде целосно прекината