Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска во телефонски разговор со германската канцеларка Ангела Меркел, порача дека „со цел надминување на застојот во дијалогот, Приштина треба да ги укине таксите за стоките произведени во централна Србија“, барајќи од канцеларката Меркел „да помогне за продолжување на слободниот проток на стоки и трговија“.
Како што соопштија од Кабинетот на српскиот претседател, Вучиќ со Меркел разговарал за застојот во дијалогот меѓу Белград и Приштина, истакнувајќи дека „Србија е целосно посветена на дијалогот, кој се води со посредство на Европската унија, со цел постигнување компромисно, взаемно прифатливо решение, а со цел да се обезбеди стабилност во регионот. Тој исто така се заблагодарил на канцеларката Ангела Меркел и францускиот претседател Емануел Макрон на иницијативата, на средбата во Берлин и наскоро во Париз, да го поддржат овој процес.“
Претседателот Вучиќ истакна дека Србија ќе остане посветена на својата политика на мир и соработка на Западен Балкан, заблагодарувајќи и на канцеларката Меркел што со започнувањето на Берлинскиот процес, значително придонела за стабилноста на нашиот регион. Во тој поглед, претседателот Вучиќ ја замолил канцеларката Меркел да го поддржи формирањето на Регионалната економска зона, бидејќи таа би била од суштинско значење за привлекување инвестиции и економскиот развој на Западен Балкан, се наведува во соопштението по денешниот телефонски разговор.
Вучиќ ја поканил канцеларката Меркел повторно да ја посети Србија, соопштија од неговиот кабинет.
Comments are closed for this post.