Врховниот суд на Кралството Холандија ја потврди претходната пресуда за делумна одговорност на државата Холандија за смртта на Бошњаците кои се обиделе да пронајдат спас во базата на холандскиот баталјон во Поточари, по падот на сребреничката енклава во јули 1995 година, јави агенцијата Анадолија.
Холандскиот баталјон знаел дека 350-те мажи, кои биле пратени од базата во Поточари, биле во вистинска опасност од напад на единицата на Војската на Република Српска и смрт.
Врховниот суд денеска потврди дека „Дачбат“ требало да понуди можност за престој во базата за 350-те мажи. Пропуштајќи да го направи тоа, холандскиот баталјон им ја ускратил можноста да бидат вон дофат на војската на босанските Срби. Судот смета дека таа шанса била мала, но не и дека требало да се занемари.
„Врховниот суд проценува дека таа шанса била 10 отсто, откако судот претходно процени дека таа шанса била 30 отсто. Државата поради тоа е одговорна за 10 отсто од штетата што ја претрпеле ожалостените. Преживеаните роднини можат да ја надоместат штетата од државата, се наведува во судската одлука.
Судиите сметаат дека холандскиот баталјон не можел да ја спречи војската на босанските Срби да ги уапсат.
– Холандскиот баталјон беше во исклучително тешка позиција, бидејќи Холанѓаните стоеја со лесно вооружување против повисоките сили и тешко вооружените Срби, се вели во одлуката на Врховниот суд на Холандија во Хаг.
Повеќе од 6.000 членови на семејствата на настраданите во геноцидот во Сребреница, во јули 1995 година, ја тужеа државата Холандија во 2007 година. Окружниот суд во Хаг седум години подоцна ја утврди одговорноста на државата за смрт на повеќе од 300 мажи, кои припадниците на „Дачбат“ (Dutchbat) ги исфрлиле од базата на ОН во Поточари. Двете страни во постапката вложија жалба на тогашната одлука. Апелациониот суд во 2014 година ја потврди одговорноста на Холандија.
Една година претходно, Врховниот суд пресуди дека Холандија е одговорна за смртта на тројца Бошњаци во Сребреница во 1995 година по тужбата на Хасан Нухановиќ, потсетува Анадолија.
По жестоките напади на заштитената енклава во Сребреница, повеќе од 20.000 мажи и жени се обидоа да пронајдат засолниште во базата на холандскиот баталјон во Поточари. Командантот на Војската на Република Српска, Ратко Младиќ, на 11 јули влегол во Сребреница и поставил ултиматум дека сите бранители на Сребреница мора да го предадат оружјето.
Потоа повеќе од 23.000 деца и жени беа пратени кон слободната територија под контрола на Армијата на БиХ. Машките постари од 12 години беа издвоени.
Два дена по падот на Сребреница започнаа масовните егзекуции на Бошњаците во Кравица. Припадниците на холандскиот баталјон изнесоа пет илјади бегалци од базата во Поточари во замена за ослободување на 14-те припадници на „Дачбат“, кои беа заробени од војниците на Војската на РС.
Во наредните денови продолжило масовното убивање на мажите. Се смета дека во геноцидот во Сребреница се убиени 8.372 лица.
Во април 2002 година, по официјалниот извештај за Сребреница, холандската Влада предводена од премиерот Вим Кок поднесе оставка. Во извештајот е наведено дека „Дачбат“ и ОН сносат дел од одговорноста за падот на енклавата и смртта на повеќе од осум илјади мажи.
Хашкиот трибунал и судовите во регионот досега за извршените злосторства во Сребреница осудија вкупно 47 лица на повеќе од 700 години и четири доживотни казни затвор.
Comments are closed for this post.