Затворање на дел од постоечките бегалски кампови на островите, меѓу кои и Мориа на Лезбос, проширување на дел од постоечите и изградба на нови, но затворени центри наменети и за оние кои нема да добијат азил и ќе треба да се депортираат и за оние кои ќе пристигнат и ќе треба да се идентификуваат, е дел од операциониот план на грчката Влада, односно 5+1 дејства за справување со мигрантската/бегалската криза, презентирани од заменикот миниистер за одбрана на Грција, Алкивиадис Стефанис, во присуство на заменикот министер под премиерот и портпарол на грчката Влада, Стелиос за време на денешниот редовен брифинг со новинарите.
Оперативниот план, како што објасни заменикот министер за одбрана на Грција е подготвен согласно насоките од грчкиот премиер и предвидува чување и надзор на границите; забрзување на процедурите за доделување азил; затворени центри на островите и итни депортации, а ќе се имплементира во две етапи.
Првата е краткорочна и предвидува намалување на бројот на бегалци и мигранти на островите, а целта е до почетокот на 2020, во останатите делови на Грција да бидат префрлени 20. 000 мигранти, од кои 5. 000 во хотели, а останатите 15. 000 во веќе постоечките кампови или во оние што дополнително ќе се изградат.
Во втората фаза, односно во среднорочниот план се вклучени 5+1 активност на грчката Влада и се однесуваат на : децата бегалци без придружба; работата на невладините организации; доделувањето азил и депортациите; изградба на нови и проширување на постоечките затворени центри; поддршка за локалното население и засилен надзор на границите.
Најголемата промена е целосно поразличен изглед на бегалските кампови на петте грчки острови најпогодени од бегалските бранови, кои се претвораат во затворени центри и центри за идентификација и регистрација.
-На Лезбос, постепено ќе се затвори постоечкиот камп во Мориа, а ќе се изгради нов, затворен објект што ќе се користи како центар за оние што се во фаза на заминување и прифатен центар за идентификација со капацитет 5.000+, рече Стефанис за време на денешниот брифинг со новинарите, пренесе МИА.
Истата пракса ќе се примени и на островот Хиос. На Самос, сегашниот центар ќе се затвори, а новиот што е во фаза на изградба ќе се прошири и ќе ја има истата намена и ист капацитет како и на Лезбос и Хиос (5.000+), додека пак на Кос и Лерос постоечките кампови ќе се пренаменат во затворени центри и центри за идентификација со капацитет да примат 2.000+, односно 1.000+ лица.
Проценките се дека изградбата ќе се заврши во првата половина на 2020 година, за како што рече Стефанис, во јули следната година веќе да бидат пуштни во употреба.
Паралелно заменик министерот за одбрана на Грција, на новинарите им презентираше и фотографии од тоа како изгледаат сега бегалските кампови и како е планирано да изгледаат новите затворени центри.
Во однос на невладините организации, како што соопшти заменик министерот за одбрана на Грција, ќе се одреди рамка со обврски и конкретни критериуми, а престој и работа во Грција ќе има само за оние што ќе ги исполнат условите.
Заменикот министер по премиерот и портпрол на грчката влада, Стелиос Пецас рече дека ќе се формира специјален фонд од 50 милиони евра за 2020 кое ќе ја финансира Програмата за солидарност на министерството за внатрешни работи за поддршка на општините во кои ќе бидат сместенои бегалците и мигрантите. ср/сд/
2019-11-20 14:26:25, од Сања Ристовска, Грција
Comments are closed for this post.