Во соопштение објавено преку Групацијата Димера, грчкиот бизнисмен Иван Савидис демантира каква било „вмешаност“ со Преспанскиот договор, објави грчкиот весник „То вима“.

Весникот во целост го пренесува соопштението без какви било коментари. Во него се наведува дека „Иван Савидис нема врска или вклученост во имагинативното сценарио на малициозниот и клеветнички „Њујорк тајмс“.

„Во разиграниот хорор базиран на новелите за Студената војна од други времиња, се одвива еден емоционален обид од одреден центар да го втурнат претприемачот Иван Савидис во геополитичката трка во регионот“, се наведува во соопштнието.

Понатаму се истакнува дека правните советници на Групацијата веќе ги истражиле сите правни аспекти на случајот кои се однесуваат и на компанијата, како и „правната акција за заштита на легитимните права“.

„Њујорк тајмс“ завчера објави дека американските шпионски служби пресретнале комуникации на Савидис според кои се докажува неговото инвловирање во акции за спречување на Преспанскиот договор. Исто така, според весникот, откриени се и трансфери на пари на поединци и групи во Македонија за да протестираат против договорот и да го минираат референдумот.