Поранешниот грчки министер од редовите на ПАСОК Сифис Валиракис, синоќа беше пронајден мртов во морскиот дел во близина на островот Евија, откако претходно со неговиот мал чамец излегол да плови и му се изгубила трагата, јави дописничката на МИА од Атина.
Според грчките медиуми веројатно станува збор за несреќен случај, откако 77-годишниот Валиракис од непознати причини се лизнал и паднал од чамецот.
Грчката Крајбрежна служба соопшти дека во попладневните часови била известена за исчезнато лице, по што со девет чамци и бродови, еден хеликоптер, двајца нуркачи, два волонтерски тима, но и патролни возила на копно, започнала спасувачката акција. Прво бил пронајден чамецот, а подоцна и безживотното тело на поранешниот министер.
Медиумите во Грција објавија дека во моментите кога бил пронајден чамецот, моторот работел, во малиот чамец имало опрема за подводен лов, додека пак телото било пронајдено една милја подалеку. Телото е испратено на обдукција за да се утврдат причините за смртта.
Валиракис беше еден од основачите на ПАСОК, во 1977 година беше прв пат избран за пратеник, а во периодот од 1981 година до 1996 година беше министер и заменик-министер во неколку министерства.
За време на диктатурата во Грција, два пати бил осуден на затворска казна поради неговите активности и дејства против хунтата и два пати успеал да побегне. Вториот пат, побегнал од затворот на островот Крф и успеал, пливајќи да стигне до Албанија, каде што повторно бил уапсен, но ослободен по меѓународни интервенции и по иницијатива на Андреас Папандреу со кој заедно биле во Грчкото ослободително движење за отпор против диктатурата.
Comments are closed for this post.