Обилните врнежи од дожд во северозападниот дел на Република Српска предизвикаа поплави, а кај Бања Лука дојде до излевање на едно од вештачките езера. Најтешко погодени се неколку населби во Приједор, каде што се поплавени десетина објекти.
РТРС објави дека е прогласен прв степен на готовност за заштита од поплавите поради зголемување на нивото на реките Пухарска и Враголовац. Поради обилните дождови и поплави во континуитет заседава Градскиот штаб за вонредни состојби.
Министерството за образование соопшти дека е прекината наставата во неколку училишта во Република Српска, додека во сите образовни институции се следи состојбата.
На патот Бања Лука – Желинац, во местото Зелен Вир, водата од вештачкото езеро поплави дел од пругата, со што е доведен во прашање севкупниот железнички сообраќај во тој дел на Босна и Херцеговина.
На неколку локации во Бања Лука улиците се поплавени поради прелевање на одводите, но и поради излевање на локалните потоци и реки.
На подрачјето на Бања Лука од вчера попладне до денеска наутро паднале 43 литри дожд на метар квадратен.
Реката Јошавка, поради огромната количина на дожд која вчера падна во попладневните часови се изли на главниот пат Челинац – Прњавор преку Стара Дубрава.
Поплавена беше и населбата Урија, а реката Враголовача се изли од коритото во местото Јутрогошта и го пресече локалниот пат. Мештаните ја спасуваат стоката од шталите, кои се во близина на оваа река.
Поради излевањето на водата на улиците, прекинат е сообраќајот на регионалниот пат Цазин-Гата. Сообраќајот во цела Босна и Херцеговина е со забавено темпо, а на возачите им се апелира да возат максимално внимателно и со прилагодена брзина.
Дождот почна да паѓа вчера попладне, по што следеше бура пропратена со грмотевици. Германскиот „Блицкорунг” детектира околу 4.000 молњи во Поткозарје.
Се очекува утре да престанат интензивните врнежи во БиХ.
Силно невреме вчера ја зафати и Хрватска.
На улиците во Загреб во сите делови на градот утринава имаше многу скршени гранки, дрвја, растурени контејнери за отпадоци или дрвени штандови, а некаде и истргнати семафори. Итните служби и пожарникари се на терен, а полицијата ги предупредува граѓаните да не одат надвор ако немаат итна потреба.
Невреме се очекува и во Србија. Републичкиот хидрометеоролошки завод на Србија го повтори предупредувањето дека од денеска до петок се очекува голема количина на врнежи.
Сите надлежни служби воведоа 24-часовни дежурства на водостоите на реките, а РХМЗ го вклучи портокаловиот и жолтиот метеоаларм
Comments are closed for this post.