Во претседателската палата во Атина, во 12 часот по локално време, членовите на новата грчка Влада ќе положат свечена заклетва, по што ќе следи и примопредавање на функциите во министерствата, додека, пак, првата владина седница ќе се одржи утре.
Во Министерството за надворешни работи на Грција, еден час по заклетвата, односно во 13 часот по локално време, шефот на грчката дипломатија во заминување, Јоргос Катругалос ќе му ја предаде функцијата на новиот МНР на Грција, Никос Дендиас.
Портпаролот на грчката Влада, Стелиос Пецас од Генералниот секретаријат за медиуми, вчера го соопшти составот на владата на Кирјакос Мицотакис, ги објави имињата на министрите, замениците и алтернативните министри.
Кабинетот на Мицотакис, има 51 член (министри, заменици министри и алтернативни министри) од кои 21 за прв пат влегуваат во политиката. Во владиниот состав има само пет жени.
Во Министерството за надворешни работи ќе бидат Дендиас, Варвициотис, Франкојанис и Диаматарис . Шеф на грчката дипломатија е Никос Дендиас, алтернативен министер за надворешни работи надлежен за европски прашања е Милтиадис Варвициотис, заменик министер за надворешни работи одговорен за економска дипломатија е Костас Франкојанис, а заменик МНР за дијаспората, Андонис Диаматарис.
Заменик претседател на владата е Панајотис Пикраменос, кој е поранешен претседател на Врховниот суд на Грција и поранешен службен грчки премиер, а владин портпарол Стелиос Пецас кој беше директор на кабинетот на Мицотакис во Нова демократија.
Одговорен во Министерството за финансии ќе биде Христос Стајкурас, кој ќе има тројца заменици надлежни за различни области.
Новиот грчки премиер воведе новини во министерствата, особено во надлежностите на замениците министри и на алтернативните министри.
Досегашното министерство за економија се преименува во Министерство за развој и инвестиции.
Владата, за претседател на парламентот што почнува со работа на 17 јули, го предлага Константинос Тасулас. Откако ќе се отвори парламентот, пратениците ќе положат свечена заклетва, потоа ќе биде избран претседателот, по што ќе следи и тридневна расправа на која ќе биде презентирана владината програма и ќе се гласа доверба.
Comments are closed for this post.