Грција, покрај Латвија и Унгарија, е земја каде на границата ќе бидат поставени роботи, односно направи со вештачка интелигенција кои ќе ги анализираат патниците и ќе утврдуваат дали тие даваат лажни или вистински податоци.
Како што објавуваат повеќе медиуми во Европа, станува збор за систем iBorderCtrl кој ќе ги контролира сите влезови во ЕУ. Тоа е пилот проект кој ќе трае шест месеци финансиран од буџетот на ЕУ со 4,5 милиони евра. Со тој систем не само што треба да се зајакне контролата, туку се смета дека со него и ќе се забрза протокот на сообраќај на граничните премини. Проектот е во рамки на програмата Хоризонт 2020.
Пред да дојдат на преминот, патниците ќе треба да одговорат на серија прашања пред веб камера, слично како на детектор за лаги, а прашањата се вообичаени: која е нивната состојба, идентитет, причина за патување, проверка на пасошот. Тоа се прашања кои ги поставуваат пограничните службеници, но сега преку систем на вештачка интелигенција ќе се анализираат сите одговори и ќе се открива дали некој лаже или не.
Доколку роботот не е задоволен од одговорите тој ќе го смени гласот, ќе стане сериозен и патникот ќе биде препратен кај „жив“ службеник.
Експерти велат дека со овие „аватар контроли“ луѓето ќе го научат трикот со техниката и ќе почнат да лажат на поинаков начин.
Во написите не се спомнува на кои јазици ќе се врши испитувањето на границата.
Comments are closed for this post.