Лидерот на најголемата косовска опозициска партија, Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК), Иса Мустафа, по повод оставката на премиерот Рамуш Харадинај, вели дека неговата партија ја барала оставката на Харадинај, но оти жали затоа што тоа се случи поради Специјалниот суд за воени злосторства во Косово, јави дописникот на МИА од Приштина.
Шефот на косовската опозиција во објава на Фејсбук изрази уверување дека „невиноста на Харадинај ќе биде докажана и овој пат“.
ЛДК во континуитет бараше од оваа влада да поднесе оставка, но чувствуваме жалење што ова се случува поради покана од Специјалните комори (за воени злосторства во 1999 година во Косово). Силно верувам дека борбата на Ослободителната војска на Косово беше праведна и чиста и исто така верувам дека невиноста на господинот Харадинај ќе биде докажана и овој пат, напиша Мустафа.
Харадинај поднесе неотповиклива оставка од функцијата премиер, откако доби покана од Специјалниот суд како осомничен за воени злосторства.
Ова е вторпат Харадинај да поднесува оставка од премиерската функција поради обвинение од меѓународен суд за воени злосторства. Претходно, во 2012 година, откако се повлече од функцијата за да одговара за обвиненијата од Трибуналот за воени злосторства во поранешна Југославија, Харадинај беше правосилно ослободен од сите обвиненија.
Comments are closed for this post.