Предвременото ослободување на Џовани Бруска, осуден за убиството на прочуениот сицилијански истражен судија и борец против мафијата, Џовани Фалконе, предизвика шок во Италија и веста се најде на насловните страници на сите весници, пишува Франс прес.
Џовани Бруска (64) од римскиот затвор „Ребибија“ беше ослободен вчера, заради добро поведение. Тој зад решетки мина 25 години, период во кој тој се согласи да соработува со властите. Но, него го очекуваат четири години условна казна.
Римска „Република“ излезе со наслов „Ослободен е Бруска, најжестокиот бос на мафијата“.
-Од човечка гледна точка, веста ме растажува, но законот е таков, закон каков што сакаше брат ми и кој треба да се почитува, беше коментарот на сестрата на судијата Џовани Фалконе, Марија, за весникот.
Во 1992 година, во близина на Палермо, Џовани Бруска со далечински управувач го крена во воздух автомобилот на судијата Фалконе. Притоа, покрај судијата, загинаа и неговата сопруга и уште тројца телохранители.
Бруска, еден од најблиските соработници на Тото Рина, шефот на сицилијанската мафија Коза ностра, беше уапсен на 20 мај 1996 година. Потоа прифати да соработува со италијанските правосудни органи и да сведочи на многубројни процеси.
Неговото ослободување го осудија бројни политички лидери, и од левицата и од десницата. Лидерот на левоцентристичката Демократска партија, Енрико Лета, ослободувањето го нарече „удар во стомакот, кој те остава без здив, и се прашуваш како е можно тоа“.
-Тој што сторил такви нешта, кој ставил дете во киселина, кој го уби Фалконе, според мене, е див ѕвер и не може да биде ослободен од затвор, изјави лидерот на крајнодесната Лига, Матео Салвини.
Comments are closed for this post.