Косовскиот премиер, Рамуш Харадинај, повтори дека таксата од 100 отсто на увозот од Србија и Босна и Херцеговина ќе се укине дури тогаш кога Белград ќе ја признае независноста на Косово.
За време на посетата на општина Вучитрн, Харадинај изјави дека укинувањето на таксата не е услов за визна либерализација за Косово и изрази уверување дека не е далеку денот кога косовските граѓани ќе патуваат во Европа без визи.
Денот кога ќе се укинат визите не е далеку и ние продолжуваме да работиме посветено на тој план. Меѓутоа, ова не е поврзано со укинување на таксата, иако барања за нејзино суспендирање има. Тоа повеќе служи како начин на дисциплинирање. Кога ќе не признае Србија ќе се укине таксата – изјави Харадинај.
Прашан од новинарите да ја коментира посетата на францускиот претседател Емануел Макрон на Белград, Харадинај рече дека „односите меѓу Косово и Франција се исти како и во минатото“ и дека „има добро ниво на соработка“ меѓу двете земји.
Comments are closed for this post.