Косовскиот премиер Рамуш Харадинај им испрати попладнево писмо на амбасадорите на петте најсилни држави акредитирани во Косово, во кое ги информира за условите кои треба да се исполнат пред неговата Влада да ја укине таксата од 100 отсто на увозот од Србија и Босна и Херцеговина, јави дописникот на МИА од Приштина.
Харадинај, во писмото до амбасадорите на таканаречената „Петорка”, односно на Соединетите Американски Држави, Германија, Велика Британија, Италија и Франција, напоменува дека таксата е „одговор на постојаното кршење на Договорот за слободна трговија со Централна Европа (ЦЕФТА) и постојаните чинови на агресија (од српска страна) кои имаат за цел нанесување штети на косовската држава”.
– Ние сме длабоко убедени дека може да се постигне во 2019 година сеопфатен и обврзувачки договор меѓу Косово и Србија, кој ќе ги адресира сите нерешени прашања, вклучително репарациите на штетите од војната, правата на малцинствата во двете земји, како и различните економски, социјални и културни прашања – што ќе доведе до меѓусебно признавање и зачленување на Косово во Организацијата на Обединетите нации, пишува Харадинај.
Косовскиот премиер порачува дека таксата ќе се укине веднаш штом се исполнат условите, а за што бара гаранции од САД и од Европската унија.
Како прв услов што се наведува во писмото, кое Харадинај го објави на својата страница на Фејсбук, се наведува одржувањето на меѓународна конференција, со цел постигнување сеопфатен и законски обврзувачки договор меѓу Косово и Србија.
Конференцијата треба да се иницира од САД и ЕУ, треба да трае не повеќе од 14 денови и да резултира со решавање на сите нерешени прашања меѓу двете држави.
Од САД и ЕУ, Харадинај бара јавно да гарантираат дека од таа конференција „нема да произлезе промена на постоечките граници на Косово, поделба на земјата или размена на територии од било каква природа”, како и дека нема да има „давање извршни надлежности на Заедницата на српски општини, ниту некој договор кој е спротивен на Уставот на Косово”.
Од ЕУ се бараат „дополнителна посветеност и гаранции дека визната либерализација за граѓаните на Косово ќе стапи на сила пред започнувањето на конференцијата”.
Пред укинувањето на таксата на српскиот увоз, Харадинај очекува „Србија да ги укине сите тарифни бариери на прометот на стоки од Косово, како и сите незаконски ограничувања во трговијата и услугите и во движењето на луѓето од Косово во Србија”.
– Претседателот, премиерот или министерот за надворешни работи на Србија јавно да потврдат дека се засекогаш запрени сите политики и други дејствија од секаков вид, насочени против аспирациите на Косово како суверена држава, се вели во писмото на косовскиот премиер до амбасадорите од „Петорката”.
Comments are closed for this post.