Синдикати, федерации и здруженија на работници од Грција, за утре закажаа генерален 24-часовен штрајк што ќе ја парализира земјата.
Штрајкот, како што велат синдикатите, е одговор на планот на владата, во Парламентот да донесе закон што содржи измени во законот за синдикатите, за колективните договори и здравственото осигурување и паралелно бараат покачување на платите и пензиите, постојани вработувања и запирање на приватизациите.
„Правото на штрајк е последно оружје на работниците и мораме да го браниме со сите наши сили. Не може да се отстрани правото на сите за јавно здравствено осигурување и се бориме за владата, да не го донесе во Парламентот за гласање, законот за приватизација на дополнителното осигурување“, соопштуваат од синдикатот на вработените во јавниот сектор на Грција, кои воедно се главните организатори на штрајкот.
Во 24-часовниот штрајк учествуваат вработените во државните болници, во здравствените центри и итната помош, службениците во банките.
Федерациите на вработените во училиштата, ги повикуваат воспитувачите, наставниците и професорите да учествуваат во штрајкот
Бродовите од 6 часот наутро ќе останат закотвени на пристаништата, а проблеми ќе има и во јавниот превоз во Атина, со оглед на тоа што автобусите тролејбусите учествуваат во 24часовниот штрајк, метрото ќе сообраќа од 9 до 21 часот, а трамвајот од 7 до 23 часот.
За утре, во 11 часот по локално време, закажан е протест во центарот на Атина.
Comments are closed for this post.