Бугарија ќе добие меѓу 50 и 250 милиони евра во рамките на иницијативата „Три мориња“, со што ќе се финансираат бугарски проекти во областа на транспортот, енергијата и дигиталното поврзување. Досега има три приоритетни бугарски проекти, кои ги разгледува фондот кон иницијативата – 3SIIF.
Ова е посочено за време на меѓународната онлајн конференција „Капитал за инфраструктурата“, организирана од Бугарската банка за развој, јавува дописникот на МИА од Софија.
Преку оваа банка, Бугарија ќе има пристап до средствата од Фондот. Се очекува средствата да бидат искористени за финансирање на околу 30 бугарски проекти. Пред три години, три бугарски проекти беа одобрени од Иницијативата како приоритетни – проширување на подземното складиште на гас во Кирен, реновирање на железничката линија Русе-Варна и изградба на тунел под Стара планина, кај преминот Петрохан. Бугарија, исто така, предложи од Фондот да го финансира и автопатот „Црно море”, што ќе ги поврзува Бургас и Варна.
Пред учесниците на конференцијата зборуваа бугарскиот министер за економија, Кирил Петков, и претседателот Румен Радев.
Во 2021 година, Бугарија е претседател на Иницијативата „Три мориња“, која обединува 12 земји-членки на Европската унија. „Три мориња“ е платформа за соработка меѓу земјите меѓу Балтичкото, Црно и Јадранското море. Инвестицискиот фонд 3SIIF, со седиште во Луксембург, вклучува акционери од земјите кои учествуваат во иницијативата „Три мориња“. Почетната вредноста на Фондот изнесува пет милијарди евра, а се очекува да генерира инвестиции до 100 милијарди евра во транспортот, енергијата и дигиталната инфраструктура.
Comments are closed for this post.