Обвинетите за тероризам на изборниот ден во Црна Гора во 2016 година се виновни, соопшти Судскиот совет во Вишиот суд во Подгорица.

Станува збор за првостепена одлука и обвинетите имаат право на жалба.

Рускиот државјанин Едуар Шишмаков е осуден на единствена казна затвор од 15 години за кривично дело создавање криминална организација и тероризам во обид, а неговиот сонародник Владимир Попов на 12 години за истите кривични дела.

Лидерите на опозицискиот Демократски фронт Андреја Мандиќ и Милан Кнежевиќ се осудени на по пет години затвор. Возачот на Демократски фронт, Михаило Чаѓеновиќ е осуден на една година и шест месеци затвор.

Српските државјани Милош Јовановиќ, Немања Ристиќ, Предраг Богиќевиќ, Братислав Дикиќ, Кристина Крстиќ, Бранка Милиќ, Милан Душиќ, Драган Максиќ и Србољуб Ѓорѓевиќ се оуседни на затворски казни од 18 месеци до седум години, јави Радио-телевизија Црна Гора.

Секој член на криминалната организација имал однапред одредена задача и улога, а во дејствувањето на криминалната организација постоела подготвеност за примена на насилство и застрашување, при што сите биле пресметливи и свесни за своето дело и сакале негово спроведување, притоа знаејќи дека тоа дело е противправно, образложи главната судијка.

Судењето за обид за тероризам на денот на парламентарните избори на 16 октомври 2016 година, во подгоричкиот Виш суд почна на 6 септември 2017 година, а заврши на 28 март оваа година.

На групата руски и српски државјани, заедно со шефовите на црногорскиот опозициски Демократски фронт (ДФ), Андрија Мандиќ и Милан Кнежевиќ, им беше изречена пресуда за обвинувањата дека ноќта на последните парламентарни избори во Црна Гора, планирале упад во Собранието, апсење или ликвидација на тогашниот премиер Мило Ѓукановиќ и насилна смена на власта, со цел да се спречи влезот на Црна Гора во НАТО. Судењето траеше над една ипол година и е прво во историјата на Црна Гора директно пренесувано на телевизија.
Сите се обвинети и за создавање криминална организација.