Делегатите на ВМРО-ДПМНЕ попладнево го избраа Христијан Мицкоски за лидер на партијата. Од присутни 817 делегати за негов повторен избор гласаа 804. Ова е негов трет мандат на чело на најголемата партија во Македонија за кој рече дека е негов последен.

Претходно во воведното излагање Мицкоски рече дека Македонија влегува во деценија на зрелот и оти тие се генерацијата што мора да ја постави државата дека може, знае и ќе успее.

„Во времињата на големи предизвици гледаме колку е силно врзивното ткиво врз кое почива една организација. При силните ветришта на вистински тест е конструкцијата, идеологијата и правците по кои се движиме. Примерите на напуштање на идеологијата водат кон идентитетско обезличување, претопување во аморфна маса на индивидуални интереси. Имаме и денес примери на партии кои ги негираа сопствените постулати, па сега се борат за опстанок“, рече Мицкоски.

Тој додаде дека ВМРО-ДПМНЕ низ годините минувало низ големи победи, но и низ порази, и дека партијата секогаш била на тест пред важни одлуки.

„За сите мои одлуки сум спремен да разговарам, но за одлуките на моите претходници ќе цени историјата и идните генерации. Важно е секоја одлука да се гледа во условите во кои е носена“, посочи премиерот.

Мицкоски ја нагласи големината на партијата, која, како што рече, ги носи соништата на многу генерации и е наследник на историското ВМРО. Нема случајност што овој Конгрес е означен како 18-ти – продолжение на низата на историското ВМРО, кое отсекогаш постоело за една цел: Македонија.