Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски денес одговарајќи на новинарско прашање, посочи дека кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ на вонредните локални избори во Општина Брвеница има предност од околу 800 гласа пред кандидатот на ДУИ, додека разликата во однос на кандидатот на СДСМ е повеќе од четири спрема еден.

„Вчера ВМРО-ДПМНЕ убедливо победи во Брвеница, со огромен резултат. Тоа е значајна победа за ВМРО-ДПМНЕ во Полошкиот регион. Имаме предност од прилика 800 гласа во однос на кандидатот на ДУИ. Во однос на политичкиот конкурент СДСМ победивме со разлика поголема од 4 спрема 1“, рече тој.

Мицкоски вели дека во вториот круг очекува уште поголема поддршка од граѓаните без разлика на етничката припадност и уште подобар изборен резултат, со што, како што нагласи, ќе се заокружи победата на 1 ноември.

„Очекуваме во овој втор круг уште поголемо консолидирање и уште поголема победа за да ја заокружиме целосно победата на први ноември. Знаете тоа се вонредни избори поради прерано завршениот живот на нашиот Јовица. Благодарност до граѓаните на Брвеница кои што излегоа и ја поддржаа победата на ВМРО-ДПМНЕ, со некаде од прилика 3000 гласа. Очекувам таа бројка после вториот круг да се искачи на рекордни 4000 гласа. Така што верувам во конечната победа. Општината Брвеница од аспект на етничка конфигурација е таква каква што е. Но, ние пледираме на гласови од сите етнички заедници и благодарност на сите граѓани на Брвеница без разлика на етничката припадност што излегоа и дадоа поддршка за кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ кој што убедливо води после првиот круг“, изјави Мицкоски.