Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) реагира на изјавите на Премиерот Зоран Заев од последното интервју објавено во неделникот „Фокус“, во кои изнесува одредени критики за новинарското истражување на Истражувачката репортерска лабораторија (ИРЛ) за првата епизода од нивниот документарниот серијал „Редакција“ во која обработуваат теми за квалитетот на мазутот кој се употребува во земјава и неговата поврзаност со загадувањето на воздухот.
Премиерот Заев, како одговор на прашање во интервјуто, вели дека во документарецот не биле застапени двете страни од приказната, а потоа додава и дека се сомнева во леснотијата на кажаното без аргументација.
„Ваквиот јавен став и коментар од страна на Претседателот на Владата и Претседател на партијата на власт, поврзан со истражувачката работа на новинарите може да поттикне сомнеж во кредибилноста на работата на нашите колеги, а со тоа и да се влијае на ограничување на слободата на изразувањето. Од премиерот Заев се очекува да ги охрабри истражувачките новинари во нивните напори да откриваат евентуална злоупотреба на институциите како механизам за спречување на корупцијата, а потоа да реагираат и органите на прогонот“, реагираат од ЗНМ.
„Вакви ставови за работата на новинарите од страна на високи владини и партиски претставници може да создадат ,,ефект на ладење”, а со тоа да се одвратат новинарите да работат на теми поврзани со корупција и злоупотреба на власт. Дали некој новинарски продукт е етичен или не треба да одлучуваат саморегулативните тела. Доколку засегнатите страни на кои се однесува конкретната истражувачка сторија, имаат забелешки околу применетите етички стандарди, потсетуваме дека постојат функционални механизми на медиумска саморегулација каде секој граѓанин може да поднесе претставка“, додаваат од Здружението на новинарите на Македонија.
Comments are closed for this post.