Во текот на изминатата недела во Република Македонија се регистрирани 2.246 заболени од грип, што е заголемување за 80 отсто споредено со неделата пред неа, кога беа регистрирани 1.252 заболени од грип, се наведува во извештајот, што на својата веб страница го објави Институтот за јавно здравје.
Бројот на регистрирани заболени изминатата недела е помал за 24,2 отсто споредено со истиот период минатата сезона.
Во текот на изминатата недела, регистрирани се два смртни случаи асоцирани со грип. Станува збор за лица на возраст од пет и 25 години од Скопје и Охрид кои биле хоспитализирани на Клиниката за детски болести и КАРИЛ. Кај починатите лица утврдено е присуство на коморбидитети.
Најголем број заболени (1.351) се пријавени во најголемата возрасната група од 15-64 години, а највисока инциденца од 217,7 на 100.000 жители е регистрирана кај децата на возраст до четири години. Пријавени се заболени лица од 27 извештајни единици. Најголем број заболени се пријавени од подрачјето на Центарот за јавно здравје Струмица (427), а највисока инциденца е регистрирана на подрачјето на Подрачната единица Ресен (489,2 на 100.000).
Во сезоната 2018/2019 вкупниот број на заболени од грип изнесува 6.371.
Според податоците добиени од Управата за електронско здравство, вакцинирани се 19.979 лица со бесплатни вакцини против сезонски грип (лица постари од 65 години со просечна, потпросечна пензија или без примања), односно 71,4 отсто од вкупниот број набавени вакцини.
Comments are closed for this post.