Евиденција или регистар за етничката припадност во јавната администрација, на нотар „запечатена“ етничка припадност при вработувањето на кандидатот, бонус-бодови за кандидатот со етничка припадност кој ѝ потребен на институцијата, се само некои од предлозите на нацрт-законот за правична и соодветна застапеност, кој „Вреди“ ќе ги понуди како решение откако Уставен суд го укина „балансерот“ – алатка за вработување по етнички клуч, нагласува првиот вицепремиер Изет Меџити.
-По одлуката на Уставен суд за „балансерот“, Вреди веднаш ќе пристапи кон ново решение. Како ќе се именува, дали „балансер“ или закон за правична застапеност, за ова нема дилеми и заедно констатиравме со партнерот (ВМРО-ДПМНЕ – н.з.) дека треба да се води грижа и за квалитетот на кандидатите во јавната администрација за да се изберат најдобрите, но и за правичната застапеност. Владините партнери сè уште немаат усогласено решение како да се заштити правичната и соодветна застапеност како темелна вредност на Уставот при вработувањата во јавната администрација, посочува Меџити во изјава за „Слободен печат“.
Тој потврди дека „Вреди“ веќе има подготвен предлог-закон кој ќе го дадат на јавна расправа.
-Се разгледува во рамките на јавната администрација да се воведе евиденција за етничката припадност, односно да наведат која етничка припадност се кога се вработувааат за да се спречат злоупотреби, со цел да не се повтори ситуацијата при вработување – да се изјасни, на пример, дека е Албанец, а потоа да си ја врати етничката припадност, на пример, Македонец. Но тука треба да внимаваме да не навлеземе во приватноста на вработените. Има повеќе предлози, можно е вработените да поднесат изјава за етничката припадност заверена на нотар. Има систем кандидатите да се бодуваат и, на крај, ако за тоа место е предвидено да биде вработен Турчин, за него да има позитивна дискриминација и на освоените бодови да добие плус 10 и тој да биде примен, рече Меџити.
Посочува оти не се согласува со насоката на Уставен суд дека на конкурсите за вработување во јавната администрација пресуден треба да биде квалитетот, туку дека мора да се внимава и на правичната застапеност. Ова, според првиот вицепремиер, би значело дека ако во некоја институција треба да се вработи Бошњак, тогаш треба да се избере најдобропласираниот Бошњак меѓу кандидатите.
-Тоа е предлог на Уставниот суд. Треба да внимаваме на правична застапеност зашто, во принцип, по оваа логика, не може да оставиме на случајност и да експериментираме со правичната застапеност. Ние како Вреди сме за тоа да се внимава на правичната застапеност, односно ако во некоја институција недостига Бошњак, тогаш мора Бошњак да се прими, значи да се избира најдобриот Бошњак, односно од заедницата од која недостига претставник. Квалитет да, но и правичната застапеност. Ако не се најде начин за вработување според правичната застапеност, тогаш ние тоа ќе го оспориме пред Уставниот суд. Секоја тенденција, и најмала, да се запостави правичната застапеност Вреди нема да ја прифати, вели Меџити.
Тој додава дека заедничка констатација на сите фактори во државата е дека „балансерот“ веќе не е во функција, туку дека има контраефект и оти изминативе години се злоупотребувал.
Comments are closed for this post.