Премиерот Зоран Заев во вечерашното интервју за ТВ Клан Македонија, уште еднаш изрази жалење за телефонските разговори со руските „пранкери“, истакнувајќи дека отсега ќе се зајакне протоколот за телефонските разговори со премиерот на државата.
Јас сум човек кој комуницира со сите. Вчера пуштив порака до претседателот Вучиќ, добив одговор. Се јавив на претседателот Тачи. Комуницирам со премиерите и претседателите од целиот свет. Сум се слушал со најголемите лидери, како што е канцеларката Меркел, потпретседателот Пенс. Разговорите потоа јавно ги објавуваме преку соопштенија. Протоколот ние го знаеме кога ја правиме конекцијата. Но секојдневната потреба на оваа мала земја да се интегрира, да се избори, го ставаат премиерот и други функционери да комуницираат директно со својот мобилен телефон“, рече Заев.
Во врска барањата на опозицијата дали ќе понесе одговорност, Заев рече дека прво да се утврди дали постои одговорност.
Не знаат за што ја бараат одговорноста, прво кажуваат дека сум открил државни тајни, потоа се утвтди дека нема државни тајни. Иако е лажно претставување, тогаш верував дека зборувам со Порошенко, зборувам за НАТО интеграциите, за економската соработка. Изразувам жалење ако сум повредил некој“, рече Заев, додавајќи дека ако се утврди вина кај било, кој, вклучувајќи го и него самиот, ќе понесе одговорност.
Посочи дека е непосреден и директен човек и дека постојано комуницира затоа што мисли дека треба да се искористи секоја минута за да се решат проблемите.
Според него најголем проблем е недоволното внимание што требало да биде дадено на контролите и проверките со кои луѓе се разговара.
Јас сум непосреден човек, комуницирам со сите, преку смс пораки, Вибер, Ватсап. Верувам дека треба да се искористи секоја минута, секоја секунда, да се решат одредени проблеми. Драго ми е што сум во добро друштво како претседателот Макрон, Борис Џонсон, Елтон Џон, и многу други, но дефинитивно е горко чувството, затоа што чувствувате дека ве насанкале. Тоа горко чувство го споделив и со јавноста. Но, секако учиме да бидеме повнимателни и да не се повтори. Знаете дека вчера ми пишуваше истиот тој лажен човек, една порака дека храбро сум се борел против моите непријатели на вчерашната прес-конференција. Јас возвратив со порака, реков дека јас сум чесен човек, немојте да го правите тоа така какви и да се шегувате со чесни луѓе кои сакаат чесно да им служат на своите држави и својот народ. Некој можеби живее од тоа, јас знам дека тие луѓе заработуваат пари од тоа, на Јутјуб пуштаат и тоа се наплаќа, мене ми е јасно, но истовремено и ние имаме чест и углед и не е коректно да си играме со честа и угледот на некој“, додаде Заев.
Премиерот повторно изрази жалење пред се на Вучиќ и Тачи, истакнувајќи дека не сакал да се меша во внатрешните работи на Србија и Косово.
Не сакав да се мешам во внатрешните работи, туку ги охрабрувам двете земји да најдат заемно прифатливо решение. Му пуштив порака на Вучиќ дека сум изманипулиран, лично се извинив на Тачи, го објаснив тоа што го кажувам, дека е слушнато од кулоари“, рече Заев, додавајќи оти ги охрабрува двете земји да се вратат на преговарачка маса и оти секогаш се нудел како човек со искуство на решавање проблеми.
Во врска со неговата изјава дека нема мешање од страна на Русија во разговорите, вели дека разговорите се приватна работа, и оти нема мешање на Русија.
Јас сум реалист. Сум знаел да кажам кога има мешање на Русија и сум учествувал во одлуката за прогласување на персона нон грата на рускиот дипломат. Сега нема мешање на Руската Федерација, туку тоа е приватна работа на двајца луѓе“, додаде Заев.
Comments are closed for this post.